• Friday, 03 January 2025

Герасимовски: Киро Глигоров ја водеше државата со многу ум, го продолжуваме неговиот аманет на соработка и соживот

Герасимовски: Киро Глигоров ја водеше државата со многу ум, го продолжуваме неговиот аманет на соработка и соживот

Скопје, 1 јануари 2025 (МИА) - Првиот претседател на државата Киро Глигоров е еден од најголемите великани на современата македонска историја. Тој беше државник, визионер којшто ја водеше Македонија со многу ум, трезвено, најзаслужен за тоа што бевме единствени од сите поранешни републики на Југославија кои без војна и крвопролевање се изборивме за независност и меѓународно признавање, истакнува градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски по повод одбележувањето на 13-годишнината од смртта на првиот претседател на Републиката, Киро Глигоров.

Герасимовски, потенцира дека Глигоров е личноста што ги поврза двата столба на македонската државност - АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991.

- По неговиот пат на соработка, на соживот, на градење мостови продолжуваме и ние, следните генерации. Како градоначалник правам сѐ за да го продолжиме неговиот аманет - да се грижиме за граѓаните, демократски да ја развиваме земјата и да вложуваме во подобра иднина. Со отворањето на основното училиште „Киро Глигоров” во Општина Центар, со едукација на младите за историјата и одење на патот којшто тој го зацрта продолжуваме да се грижиме за ликот и делото на првиот македонски претседател, вели Герасимовски.

Киро Глигоров беше првиот претседател на независна Македонија. По изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата, на 25 јануари 1991 година, Глигоров бил избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија. На 7 март му го доверил мандатот на Никола Кљусев за формирање на првата влада. 

На 3 октомври 1995 година, врз Глигоров беше извршен атентат во Скопје. По неколкумесечното лекување, на 10 јануари 1996 година Глигоров се врати на својата претседателска должност.

На 17 ноември 1999 година го завршува неговиот втор претседателски мандат на 82 годишна возраст. Почина  на 1 јануари 2012 година на 94 години. Добитник е на бројни меѓународни награди и признанија - ценет и вреднуван за својата работа од целиот свет. бак/лв/

Фото: МИА архива