• Thursday, 30 January 2025

Гаши - Палминтери: Продлабочување на соработката на сите нивоа, со акцент на парламентарната дипломатија

Гаши - Палминтери: Продлабочување на соработката на сите нивоа, со акцент на парламентарната дипломатија

Скопје, 29 јануари 2025 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска остварил средба со новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република, Паоло Палминтери.

Гаши, како што соопшти собраниската прес-служба, на средбата нагласил дека двете држави минатата година одбележаа 30 години на воспоставувањето на дипломатски односи, кои се карактеризираат како традиционално добри и пријателски односи, со активен политички дијалог и динамична соработка. Тој истакнал дека тие постојано се унапредуваат и продлабочуваат и на билатерален и на мултилатерален план.

Претседателот на Собранието се осврнал и на двете резолуции со кои Италијанскиот Парламент „ја обврзува Италијанската Влада да ги реафирмира и поддржи иницијативите за интеграција на Западниот Балкан во евроатлантските институции, на сите нивоа” кои се усвоија во Домот на пратеници на Италијанската Република во 2021 година.

Амбасадорот Палминтери, како што се наведува во соопштението, го информирал Гаши за актуелните случувања во Италјанската Република и подвлекол дека фокусот на неговиот мандат ќе бидат продлабочување на билатералната соработка на сите нивоа, пренесување на поддршката од Италијанската Република за евроинтеграциите на нашата држава и економската соработка.

Двајцата соговорници на средбата искажале подготвеност за натамошно продлабочување на соработката на сите нивоа, со особен акцент на парламентарната дипломатија. дма/бак/

Фото:Собрание на Република Северна Македонија