• Tuesday, 18 June 2024

Гала настан „Visegrad Entrepreneurial Stars“

Гала настан „Visegrad Entrepreneurial Stars“

Скопје, 14 мај 2024 (МИА) - Напредокот и резултатите од проектот „Visegrad Entrepreneurial Stars“, поддржан од Вишеградскиот фонд, ќе бидат претставени денеска во Едукативниот Центар М6 во Скопје.

- Проектот е дел од заложбите за јакнење на еко системот во земјата и поддршка на млади претприемачи во секоја од државите, задржување на младите и нивна инспирација за претприемништво, јакнење на претприемничкиот дух и охрабрување за упорност на патот на кариерата од средно образование кон вработување, соопшти „Visegrad Entrepreneurial Stars“.

Ќе се презентираат резултати од проектот со вклученост на шест партнери: Џуниор Ачивмент Македонија, Институтот за одржливост ЕКОС Скопје, Џуниор Ачивмент Полска, Џуниор Ачивмент Словачка, Џуниор Ачивмент Унгарија и Џуниор Ачивмент Чешка. Ќе се промовира и книгата со 15 најдобри студии на случај како отворена можност за користење во наставата по предметите бизнис и претприемништво за поттикнување на учениците кон критичко размислување.

Гала настанот, кој треба да започне во 11:30 часот, ќе даде осврт на влијанието на проектот врз образованието за претприемништво низ целиот регион. Од иновативен развој на наставна програма до динамично тестирање во училницата, проектот „Visegrad Entrepreneurial Stars“, како што се наведува, е една од ретките платформи која користи локални примери на успешни претприемачи за мотивирање и опремувањето на студентите со основните вештини и знаења за да напредуваат во денешниот бизнис пејзаж кој брзо се развива.

- Преку овој проект, исполнет со приказни за успешни претприемачи, сакаме да ги поттикнеме младите во образованието и идните кариери и да покажеме дека успех во бизнисот е возможен. Очекуваме дека добрите примери на случај ќе најдат примена во наставата и ќе инспирираат голем број млади луѓе да започнат сопствен бизнис, изјави Љупка Панчевска, извршен директор на Џуниор Ачивмент Македонија - носечката организација на проектот.

Проектот „Visegrad Entrepreneurial Stars“ има иновативен пристап за зајакнување на следната генерација на претприемачи. Со искористување на колективната експертиза и ресурси на земјите-партнери, проектот, како што се наведува, ќе продолжи да отвора нови врати кон претприемачко настроено општество. мд/са/

Фото: „Visegrad Entrepreneurial Stars“