• Wednesday, 05 February 2025

Во Штип одбележани 153 години од раѓањето на македонскиот апостол Гоце Делчев

Во Штип одбележани 153 години од раѓањето на македонскиот апостол Гоце Делчев

Штип, 4 февруари 2025 (МИА) – Претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска во штипско Ново Село присуствуваше на одбележувањето на 153 години од раѓањето на Гоце Делчев во зградата каде што учителствувал големиот македонски револуционер, а сега е седиште на ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД). 

Претседателката Силјановска Давкова  истакна дека нема посоодветно место за одбележување на раѓањето на македонскиот апостол Гоце Делчев од црквата „Свети Спас“ и од зградата каде што тој учителствувал.

-Веројатно во историјата нема да најдете човек за кој толку многу се зборувало, пишувало, не само што се зборувало, туку човек за кој се плачело, радувало. Мислам дека тоа покажува дека Гоце Делчев е неразделен од македонскиот народ и токму после 153 години како да е жив. Мислам дека и следните 153 години ќе продолжи таа Гоцева приказна оти е неразделно од македонскиот народ. Она што е восхитувачко за него, а мислам и за нас, е ноторниот факт дека учителите, како што е и тој, учител над учителите, најголемиот учител меѓу оние кои имале толку голема улога во нашата историја и токму затоа мислам дека овде ми е мене местото како на учителка, рече Силјановска Давкова.

Претседателката истакна дека мислата и знаењето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев се уште е присутна, а на македонскиот народ стои аманетот да го чествуваме и оти не можеме во Кукуш или Килкис, затоа се чествува во Штип каде што поминал дел од својот живот. 

Универзитетот „Гоце Делчев“ е горд што го носи името на великанот, истакна во својот говор ректорот, Дејан Мираковски. Додаде дека Универзитетот се движи по идејата на Делчев, светот да биде поле за културен натпревар меѓу народите.

-Ни преставува чест заедно со Општина Штип што можеме да организираме пригодно сеќавање на роденденот на Гоце Делчев. Посебна чест е што нашиот Универзитет го носи неговото име и што развојот на Универзитетот не прави чекор поблиски, до тоа што било и негова идеја – светот како поле за културен натпревар меѓу народите,  рече Мираковски.

Делчев оставил завет, а ние мора да го чуваме тој завет и да не се одрекуваме од него, додаде градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

-Се наоѓаме на местото во градот, каде најповеќе се ширела и чувствувала идејата и идеологијата на великанот Гоце Делчев. Имаме завет и обврска да го чуваме тој завет, но немаме право да се одрекуваме од него, рече Јорданов.

Претседателката Сиљановска Давкова прва положи цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Штип, по што и делегации на Универзитетот „Гоце Делчев“, Општина Штип, државни институции, пратеници, политички партии. вдј/вј/

Фото: МИА

You May Also Like