• Wednesday, 25 December 2024

Во САД на „супер сабота“ излегле да купуваат над 157 милиони Американци

Во САД на „супер сабота“ излегле да купуваат над 157 милиони Американци

Вашингтон, 24 декември 2024 (МИА) - Во САД, божиќните празници пред сè се асоцираат со купување подароци и шопинг, купувачката треска трае во деновите пред и по 25 декември кога се слави американскиот Кристмас (Christmas), најважниот празник во земјата.

Според неодамнешна анкета на Националната федерација за малопродажба (НРФ) се проценува дека околу 157,2 милиони потрошувачи биле на предпразничен шопинг само во саботата пред Божиќ, уште наречена и „супер сабота“. Тоа е околу 15 милиони купувачи повеќе споредено со ланската „супер сабота“.

-Супер сабота е една од последните можности потрошувачите да ги купат подароците и останатите артикли од својата празнична листа, смета Кетрин Кален, потпретседателка на индустриските и потрошувачките прегледи на НРФ.

-Годинава, перидот меѓу Денот на благодарноста и Божиќ е пократок и потрошувачите ќе ги посетуваат продавниците и ќе купуваат онлајн за да завршат со купување на последните подароци и да се искористат специјалните промоции и попусти, изјави таа.

Со само четири дена меѓу „супер сабота“ и 25 декември купувачите можат да имаат повеќе начини да завршат со празничниот шопинг, се дознава од анкетата.

Годинава, 69,5 милиони луѓе планираат да купуваат лично во продавниците и онлајн, што е повеќе од 58,3 милиони кои то го правеле лани. Околу 49,4 милиони очекуваат да купуваат исклучиво во продавници –  лани таа бројка изнесувала 52,8 милиони, додека 38,2 милиони планираат да купуваат само онлајн, лани борјката била пониска односно 30,8 милиони.

Без разлика дали купувачите имаат планирана листа за купување или не, повеќето од нив сакаат да купуваат во последен момент, односно во деновите пред 25 декември, сметаат од НРФ.

-Како и минатата година, повеќе од половина од потрошувачите очекуваат да го завршат купувањето во неделата пред празникот Божиќ.

Главните дестинации каде потрошувачите планираат да завршат со купувањето се онлајн (49 отсто), стоковни куќи (37 отсто), дисконт продавници (27 отсто) и продавници за облека и аксесуари (25 отсто). Најчестите подароци што потрошувачите ги купуваат се облека и аксесуари (50 отсто), играчки (32 отсто), подарок-картички (26 отсто), книги, видео игри и други медиуми (24 отсто) и производи за лична нега или убавина (24 отсто).

Слично како и лани, најголемиот дел од потрошувачите (71 отсто) планираат да продолжат со шопинг веднаш по 25 декември. Главните причини за одење по продавници во текот на оваа недела е да се искористат празничните попусти и промоции, да се потрошат гифт картичките (26 отсто) и да се вратат или  заменат добиените подароци и празнични артикли (16 отсто). кб/