• Sunday, 22 December 2024

Во Прилеп претставен манифестот на локалните новинари и медиумски работници, државата ќе дискутира за проблемите

Во Прилеп претставен манифестот на локалните новинари и медиумски работници, државата ќе дискутира за проблемите

Прилеп, 21 декември 2024 (МИА) - Безбедноста на новинарската егзистенција е доведена во прашање. Ситуацијата подолго време е катастрофална и потребни се итни мерки зашто барем 10 општини или преку 375 000 граѓани во земјава се во информативен мрак, без локални телевизиски, радио станици и можност за опстојување на портали, беше истакнато на денешната средба во Прилеп на локалните новинари и медиумски работници во земјава што ја иницираше Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници. На средбата, пред новинарската фела беше претставен првиот документ наречен „Манифест на локалните новинари и медиумски работници“ со кои се бара активна реакција од властите и надлежните во земјава.

-Бараме основање на Фонд за производство на медиумски содржини, промена на правната регулатива со цел задолжување на националните радиодифузери да вработат дописници од сите плански региони во државата. Поголема транспарентност на националните и на локалните власти и прекин на создавање на паралелни, псевдомедиуми во рамките на кабинетите.  Препознавање на јавниот интерес од страна на правосудните органи во поглед на правото на слобода на информирање во случаи во кои новинарите се тужени, поголема ажурност на полицијата и на правосудните органи во случаи на напади и закани на новинари и медиумски работници, формирање на јавни сервиси на локални или на јавни медиуми во планските региони, поддршка на локалните медиуми преку субвенционирање на  придонесите за пензиско и на здравствено осигурување за новинарите и за медиумските работници, воведување активни мерки за вработување на млади новинари и на медиумски работници во локалните медиуми, обезбедување простории за медиумски прес-центри за потребите на локалните новинари и дописници, рече новинарката Емилија Мисирлиевска, член на Самостојниот синдикат на новинари и на медиумски работници.

Манифестот е основа за сите новинарски барања, да се градат политики и да се бара промена на закони и на крајот, ако треба, да се излезе на протести.

-Медениот месец на Владата заврши. Се востановија министерствата, така што нема бегање од соочување со нашата професија, рече Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Според заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески кој оствари неформална средба со новинарите, ќе претстојат разговори и дискусии за да се решат проблемите.

-Разговараме за тековните проблеми кои ги имаат новинарите и медиумските работници, пред сѐ, на локалните и регионалните медиуми во Македонија. Отворени сме за соработка. Ги поканив да бидат присутни на еден од наредните економско-социјални совети каде ќе се дискутира за она што произлегува како нивни Манифест и предлог околу намалувањето, односно, укинувањето на одредени придонеси за платите на сите медиумски работници на локално ниво. Колку што знам, премиерот вети дека ќе има одредени промени. Таке е и за предизборното ветување за укинување на одредени придонеси. Мислам дека во текот на наредниот период, со една поширока дискусија и со социјален дијалог мислам дека ќе биде решено. Затоа треба да се направи една поопсежна анализа, тука, нормално, ќе биде вклучено и министерството за финансии. Да видиме какви импликации ќе има во буџетот и да дојдеме до еден заеднички јазик. Се надевам дека во текот на наредната година ќе има одредени законски промени, изјави заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески. ем/аа/

Фото: МИА

You May Also Like