• Wednesday, 01 April 2026

Во македонскиот КИЦ во Белград отворена изложбата „Колекција на метални пари ковани во Скопје и Кратово (XIV–XVII век) – Патувањето на парите“

Во македонскиот КИЦ во Белград отворена изложбата „Колекција на метални пари ковани во Скопје и Кратово (XIV–XVII век) – Патувањето на парите“

Белград, 31 март 2026 (МИА) -   Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград попладнево беше отворена изложбата „Колекција на метални пари ковани во Скопје и Кратово (XIV–XVII век) – Патувањето на парите“, подготвена од м-р Даниела Николова.

На отворањето на изложбата директорот на македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров нагласи дека нема поголем предизвик во денешното турбулентно време да се зборува и да се посакува човекољубие. 

- Тоа е првата причина за изложбата е што вечерва му се поклонуваме на Јунус Емре, големиот турски народен поет. Втората причина зошто е ова е прва наша меѓународна соработка и колку што знам, и прва меѓународна соработка на турскиот Институт Јунус Емре во Белград, е турската културна дипломатија, која ја почитувам. Вистински предизвик е претставници на таква културна дипломатија да бидат наши вечерашни партнери за соработка. И третата добра причина е Даниела Николова, ерудит и истражувач од Македонија која кованите пари од Кратово и Скопје од 14 до 17 век ги има истражувано. Се договоривме македонската и турската дипломатија вечерва да комуницираат во Белград  и да и покажеме на белградската публика што е истражувано на план на монетите што се наоѓаат во Музејот на Македонија ковани во Скопје и Кочани во 14 до 17 век, изјави Шутаров.

Македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчевски на отворањето рече дека изложбата на впечатлив начин го оживува богатото културно и историско наслество на нашите простори. 

- Оваа изложба не е само приказ на монети туку и сведоштво на вековните економски, културни и општествени врски на Балканот. Врски што денес поттикнуваат да градиме поблиска и посодржајна соработка. Убеден сум дека ваквите настани придонесуваат за продлабочување на меѓукултурниот дијалог и взаемното разбирање што е посебно значење во денешниот свет, потенцира Тупанчевски. 

Даниела Николова, која ја подготви изложбата неведе дека целта на изложбата е да се истакне културната и историка важност на овие монети да се истакне љубопитноста и да се нагласи заедничката историја на овие постори. 

- Оваа изложба носи долга и богата приказна. Монетите што се претатвени се исковани во две значајни ковачници во Скопје и во Кратово што функционирале од 14 до 17 век. Монетите не биле само средство на размена туку и вистински сведоци на економските, политичките и културните текови што ги поврзувале овие балкански простори. Овие монети откриваат многу повеќе од нивната материјална вредност - тие се носители на пораки од минатото, симболи на власт, институции, документи на трговските и социјални врски. Преку детална анализа тука има три сегменти - моите истражувања што ги правев повеќе од 10-на години, потоа нумизматичката анализа и регионалната историја. Секоја монета имено, има своја приказна, рече Николова. 

Турскиот амбасадор во Белград, Илхан Сајхл, од своја страна изјави дека изложбата отвора значаен простор за разбирање на заедничко минато. 

- Монетите исковани во Скопје и Кратово не се само нумизматички артефакт туку е и сведок за економскиот , општествениот и културниот живот на еден регион кој со векови бил дел од пошироки цивилизациски текови. Зборува и за континуитетот и развојот и поврзаноста на луѓето и културите. Нашата поддршка за книгата и за изложбата произлегува од свеста дека културното наследство не е само сведочење за минатото туку и важен дел од идентитетот што денес го градиме, рече Сајхл .

Од Институто Јунус Емре во Белград нагласија дека изложбата сведочи за мултикултурната цивилизација на Балканот што коегзистирала истовремено нагласувајќи го значењето за зачувување и промоција на нумизматички вредности. 
„Оваа изложба поврзува историја, култура  и уметност, пренесувајќи го богатството од минатото во современиот свет. Заедничкото учество претставува исклучителна прилика да  сведочиме за минатото и вредностите да ги пренесеме во иднината“.  

Поставката е дел од поширок проект што вклучува и промоција на двојазичната монографија „Патувањето на парите“, и нуди научен и визуелен осврт на колекцијата. Изложбата се реализира во соработка на македонскиот КИЦ во Белград со Јунус Емре Институтот во Белград и во Скопје, со поддршка од Халкбанк, и претставува значаен придонес во унапредувањето на регионалната културна соработка и зајакнувањето на меѓукултурниот дијалог. Изложбата претходно беше реализирана во Скопје, каде предизвика голем интерес кај јавноста и стручната публика. Изложбата во Белград ќе биде отворена за посетители до 8 април 2026 година. зш/бк/
фото МИА/КИЦ Белград

You May Also Like