• Saturday, 17 January 2026

Во Крива Паланка собрани 106 крвни единици на првата крводарителска акција годинава 

Во Крива Паланка собрани 106 крвни единици на првата крводарителска акција годинава 

Крива Паланка, 16 јануари 2026 (МИА) - На првата крводарителска акција за годинава во организација на Црвен Крст на Македонија, општинска организација Крива Паланка, што се одржа денеска, собрани се вкупно 106 единици крв.

Акцијата се реализираше во просториите на Дневниот центар за престој на стари лица со активно стареење, во рамки на Општинската организација на Црвениот крст, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина Скопје.

-Првата акција годинава се покажа како исклучително успешна, а нашите сограѓани уште еднаш ја потврдија својата хуманост. На денешната акција собрани се 106 крвни единици, а од вкупниот број крводарители, 25 се жени, додека 81 се мажи. Речиси изедначен по родова основа е бројот на новите дарители и горди сме што дури 15 нови херои прв пат даруваа крв денес. Им благодариме на сите крводарители, рече Маја Илиевска, в.д. секретар на Општинската организација на Црвениот крст Крива Паланка.

Инаку, изминатата година оваа општинска организација беше одликувана со републичко признание од Црвениот крст на Македонија, како една од најуспешните организации, што во висок процент го надмина годишниот план за дарување крв во 2024, за што Илиевска рече дека е потврда дека хуманоста е најмоќната сила што менува човечки животи како спрега на институциите, волонтерите и граѓаните кои дејствуваат сплотено. ид/рп/

Фото: ОО Црвен крст Крива Паланка