Во Кавадарци промовирана книгата ,,Крадец на времето“ од Викторија Недева
- ,,Крадец на времето“ е насловена книгата од младата Викторија Недева, што синоќа беше промовирана во галеријата при Домот на културата ,,Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци. Недева е член на Здружението на поети и писатели ,,Тиквешки цветови“ од овој град. Промотори на книгата беа Марија Црвенковски и Марија Камчева.
Кавадарци, 27 февруари 2026 (МИА) - ,,Крадец на времето“ е насловена книгата од младата Викторија Недева, што синоќа беше промовирана во галеријата при Домот на културата ,,Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци. Недева е член на Здружението на поети и писатели ,,Тиквешки цветови“ од овој град. Промотори на книгата беа Марија Црвенковски и Марија Камчева.
Во своето обраќање пред присутните, Камчева рече, дека, да се напише книга, значи да се остави дел од себе на хартија.
- Да се разголиш пред светот без одбрана, а кога тоа го прави млад човек, тогаш тоа не е само творечки чин, тоа е чин на доверба, дека зборот ќе биде разбран, дека чувството ќе биде почувствувано, подвлече Камчева.
Притоа истакна дека поетската збирка претставува емоционална целина во која времето се јавува како централен симбол и носечка идеја што ги поврзува речиси сите песни.
- Времето кај Викторија не е само хронолошко минување на денови и години, тоа има длабоко емоционално и филозофско значење, нагласи Камчева.
Рецензентот Вера М. Самарјанин, за оваа книга поезија, вели, дека со ова дело, авторката Викторија Недева се потврдува како поет што има што да каже и уште поважно, знае како да го каже тоа, тивко, достоинствено и од срце. свд/дма/
Фото: МИА