Во Делчево одржана последна работилница од проектот „Развој на советодавна и советувалишна тераписка работа со маргинализирани групи#
- Потребите и приоритетите кои ги имаат лицата со попреченост околу зајакнување на нивниот социјален статус посебно во делот на вработувањето биле во фокусот на последната од серијата работилници во рамки на проектот „Развој на советодавна и советувалишна тераписка работа со маргинализирани групи“ што се одржа денеска во Делчево.

Делчево, 13 март 2025 (МИА) - Потребите и приоритетите кои ги имаат лицата со попреченост околу зајакнување на нивниот социјален статус посебно во делот на вработувањето биле во фокусот на последната од серијата работилници во рамки на проектот „Развој на советодавна и советувалишна тераписка работа со маргинализирани групи“ што се одржа денеска во Делчево.
Како што информираше координаторот на проектот, Сузана Петровска, денешната работилница беше наменета за бизнис секторот.
-На работилницата го искористивме присуството на вработени во АВРМ за да ги кажат придобивките кои ги имаат од вработување на лицата со попреченост, а во вториот дел се разговараше околу развојот на социјалното менторство. Тука искористивме присуството на експертите од Маплик, фирма која долги години работи во делот на Социјално менторство. На крајот донесовме заклучок за почести средби со бизнис секторот, бидејки видовме дека бизнис секторот се соочуваат со одредени проблеми, дека не е лесно и на фирмата, така да потребно е тоа социјално менторство кое ќе ги развие тие соработки помеѓу работниците и бизнис секторот, рече Петровска.
Проектот, како што додаде, продолжува со индивидуални третмани со родители на лица со попреченост.
-Со тоа некаде завршуваме со проектот и еве една најава за развој на нова услуга, а тоа е регистрација на Центар за образование за возрасни лица со попреченост кој ќе биде во Делчево, а ќе ги опфаќа лицата од соседните општини. Оваа услуга ќе биде продолжение на овој проект за на крај овие лица да се стекнат со сертификат, а со тоа и полесно да се инкорпорираат на пазарот на трудот, додаде Петровска.
Проектот за развој на советувалишна и советодавна тераписка работа со маргинализирани групи, става посебен акцент на лицата со попреченост и родители. Финансиски е поддржан од Мрежата на заедница на локалните самоуправи од Југоисточна европа - НАЛАС, ГИЗ и ЗЕЛС како партнери во проектот.вс/ар
Фото:МИА