• Friday, 14 March 2025

Во Германија почнаа коалициските преговори со строги правила: Без „селфи“ фотографии

Во Германија почнаа коалициските преговори со строги правила: Без „селфи“ фотографии

Берлин, 13 март 2025 (МИА) - Конзервативниот блок во Германија започна коалициски преговори со Социјалдемократската партија (СПД) на канцеларот во змаинување Олаф Шолц, при што договорен е строг протокол на преговорите.

Претставници од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), нејзината баварска сестринска партија (ЦСУ) и СПД, вкупно 19 главни преговарачи, се состанаа со претседателите на 16 работни групи во седиштето на ЦДУ во Берлин, јави ДПА.

Првата средба траеше само половина час, а работните групи сега имаат рок до 24 март да подготват нацрт-спогодба за коалицискиот договор, врз основа на документ од 11 страници, што веќе е договорен во претходните разговори.

Строги правила – без селфи и изјави

Јавноста нема да дознае многу за текот на преговорите сè додека не биде постигнат финален договор. Преговарачите добија строги насоки, вклучувајќи забрана за давање изјави, прес-конференции, споделување на привремени резултати и дури и правење селфи-фотографии.

Според документ што првично го објави Политико, а потоа го потврди и германската агенција ДПА, забранети се и протекување на информации.

Конзервативците (ЦДУ/ЦСУ), кои во февруари победија на парламентарните избори, веќе договорија неколку клучни точки со СПД во прелиминарните разговори.

Преговарачките тимови ќе работат десет дена, а главната координативна група ќе ја надгледува динамиката на процесот. Потоа, нивните заклучоци ќе бидат доставени на преговарачката група, која ќе ги вклучи лидерите на партиите.

СПД бара внатрепартиско гласање за договорот

СПД најави дека ќе бара одобрение од членството за конечниот коалициски договор.

Конзервативниот лидер Фридрих Мерц, кој се очекува да биде новиот канцелар, изјави дека сака новата влада да биде формирана до Велигден, кој оваа година паѓа на 20 април.

Во меѓувреме, партиите што се надеваат дека ќе ја формираат идната германска влада работат на усвојување на финансиски пакет вреден неколку милијарди евра. Предлогот вклучува измени на Основниот закон за да се овозможи зголемување на воените трошоци, како и создавање на посебен инфраструктурен фонд од 500 милијарди евра.ссм/

фото: ДПА