Во Германија, девојче спиело пред градинка за да биде прва во редот
- Случајна минувачка го забележала детето во 5:30 часот, пред зори - во една од најдолгите ноќи во годината, и ја известила полицијата во градот.
Дортмунд, 23 декември 2024 (МИА) - Во германскиот град Уна, којшто се наоѓа источно од Дортмунд, четиригодишно девојче избегало од дома за да биде прва во нејзината градинка, јави ДПА, повикувајќи се на полициски извештај.
Таа, всушност, излегла од својот дом сред ноќ и преспала на влезот на градинката. И покрај студот и влажните временски услови, и со не повеќе од ќебенце, девојчето, просто седнало да го чека утрото и отворањето на градинката.
Случајна минувачка го забележала детето во 5:30 часот, пред зори - во една од најдолгите ноќи во годината, и ја известила полицијата во градот. Родителите биле вчудоневидени кога полицајците ги разбудиле - со нивната ќерка пред влезната врата.
Инаку, градинката не работи во недела. Згора на сѐ, установата и повеќе денови ќе биде затворена, поради Божиќ. си/ссм/
Фото: Фрипик