Во Битола заседаваше Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот регион
- Во Битола се одржа првата работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) за Пелагонискиот и Југозападниот регион, со што започна оперативната фаза и исполнувањето на обврските на регионалниот систем за управување со отпад.
Битола, 22 јануари 2026 (МИА) - Во Битола се одржа првата работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) за Пелагонискиот и Југозападниот регион, со што започна оперативната фаза и исполнувањето на обврските на регионалниот систем за управување со отпад.
На седницата, на која учествуваа сите 18 градоначалници од двата региони во својство на членови на Одборот, како и претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање и меѓународните партнери, беа разгледани клучните активности што ќе го одбележат периодот што следи и ќе го насочат понатамошниот развој на регионалниот систем.
На состанокот беше истакнато дека воспоставувањето на МОУО е резултат на повеќегодишна координирана работа на општините од двата региона, институциите и меѓународните партнери, и претставува важен чекор кон создавање модерен, ефикасен и одржлив систем за управување со отпад.
Во рамки на седницата беше презентирана и новата веб-платформа „Регион без отпад“, која е во изработка, а која ќе служи како централно место за информации, координација и транспарентна комуникација со јавноста, како и за следење на работата на МОУО и напредокот на регионалниот систем.
Работата на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад е поддржана од проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од SALAR International, во соработка со општините и националните институции.мт/вј/
Фото: МОУО