• Tuesday, 03 February 2026

Владата го усвои годишниот план за енергетски објекти за 2026 година

Владата го усвои годишниот план за енергетски објекти за 2026 година

Скопје, 2 фебруари 2026 (МИА) - Владата го објави годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година, кој почнува масивни инвестиции од над 5,7 милијарди евра во производство и складирање на електрична енергија.

Министерката Сања Божиновска денеска на прес-конференција појасни дека планот вклучува реализација на 67 нови енергетски објекти за производство на електрична енергија со моќност од најмалку 1 мегават, со вкупна инсталирана моќност од 4.416,8 мегавати и проценета инвестиција од 3,735 милијарди евра. Од овие, 59 се фотоволтаични електроцентрали со моќност над 3.000 мегавати и вредност од 2,1 милијарди евра, 7 ветерни електроцентрали со 907 мегавати и 1,18 милијарда евра и една когенеративна гасна електроцентрала со 495 мегавати и 445 милиони евра, значајна за балансирање на системот.

- Овој план не е само список на желби, туку конкретен стратешки документ, кој ја трансформира нашата енергетска слика и ја зацврстува независноста - истакна Божиновска.

Од 284 барања, одобрени се 97 компании по принципот прв дојден, прв услужен. Вклучени се и 56 општински проекти од Македонски Брод, Лозово, Дебарца, Кавадарци, Куманово, Брвеница и од Кочани, со анализи за мрежна стабилност. бк/вј/

Фото: МИА