Владата ги усвои Предлог- измените на Законот за медиуми
- Владата на денешната 57. седница ги усвои Предлог-измените на Законот за медиуми со кои се очекува да се зајакне конкурентноста на медиумскиот простор и да се стават онлајн медиумите во законска рамка.
- Post By Фатиме Фазљији
- 16:50, 11 March, 2025

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - Владата на денешната 57. седница ги усвои Предлог-измените на Законот за медиуми со кои се очекува да се зајакне конкурентноста на медиумскиот простор и да се стават онлајн медиумите во законска рамка.
- Со оглед на фактот дека резултатите од последните истражувања покажуваат дека над 70 проценти од јавноста се информира на интернет, со што онлајн медиумите стануваат важен чинител во медиумскиот простор, се наметна потребата од нивно воведување во Законот за медиуми, што ќе придонесе и за поинтензивно поттикнување на саморегулацијата како битен сегмент за професионалното новинарско работење и зајакната конкурентност во медиумскиот простор, се наведува во владиното соопштение.
Минстерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вчера во телевизиско гостување соопшти дека овој закон како идеја потекнал од два аспекти.
- Едниот е патоказот за владеење на правото и Поглавјето 23 кое утврдува дека мора да имаме поголема јасност и транспарентност во уредувањето на медиумите и препознавање заради гарантирање на конкурентност и гарантирање на квалитетот и професионализмот на медиумите, признавање и препознавање на онлајн медиумите. Вториот аспект е дека во разговори со Здружението на онлајн медиуми и останатите онлајн медиуми, тие истакнаа подготвеност да предложат и иницираат ваков тип измени што ќе значат нивно препознавање како медиум, работа што ја вршат долги години, а никогаш не беше препознаен нивниот ангажман како медиум, рече Андоновски во дебата во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски нагласи дека Агенцијата двапати дала забелешки коишто се внесени во Нацрт-измените.
- Сега зборуваме за суштинските забелешки што ги дадовме. Сите се прифатени и претпоставувам дека во таа форма и ќе биде усвоен законот во Парламентот, рече Трајчевски.
Според извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Драган Секуловски, овие Нацрт-измени во голема мера ги исполнуваат нивните очекувања. ЗНМ, како што истакна Секуловски, има две забелешки на содржината на Нацрт-измените и дополнувањата на Законот за медиуми. Првата забелешка, е во однос на минималниот услов да има три лица во редовен работен однос за да се влезе во регистарот на онлајн медиуми што ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услови. Според ЗНМ, со ова помалите онлајн медиуми ќе бидат доведени во подредена улога, особено оние што работат надвор од Скопје и имаат скромни примања за еден или двајца вработени. Предлогот на ЗНМ е да се направи исклучок, односно да се има разбирање за нив.
Предлог-измените треба да бидат испратени на усвојување во Собранието. фф/бак/
Фото: МИА Архива