• Sunday, 22 December 2024

Вински салон во Неготино

Вински салон во Неготино

Неготино, 21 декември 2024 (МИА) - Вински салон по шести пат се реализира денеска во организација на Здружението Македонски семејни винарии, со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, овојпат во Неготино.  Присутните имаат можност да дегустираат македонски вина и ракии произведени од 41 винарија и 10 дестилерии.

Горан Јаковлевски, претседател на „Македонски семејни винарии", рече дека производите што се дегустираат денеска, се имаат закитено со многубројни награди. 

Александар Клинчаров, претседател на Македонски дестилерии, потсети исто така за докажаниот квалитет на македонските вина и ракии. 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, изрази задоволство од настанот. 

- Во наредната 2025 година продолжуваме заедно со уште поголема поддршка, да го развиваме винскиот сектор, подвлече министерот. 

Изненадување и ексклузивитет на настанот беше настапот на амбасадорот на Јапонија, Казуја Оцука и неговата сопруга, најавени како вљубеници во нашата земја, кои пред присутните се претставија со музичка изведба на македонската песна „Елено моме". 

Неготинскиот градоначалник, Горан Стојанов рече дека винариите и дестилериите квалитетот на сопственото производство го потврдија со добивањето на признанието „македонски квалитет" од страна на Сојузот на стопански комори и претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Во своето обраќање, тој истакна дека локалната самоуправа  давала и ќе дава поддршка на винариите и дестилериите од општината. Стојанов нагласи дека е горд, што голем број од учесниците на денешниот вински салон, се токму од неготинската општина. 

Во рамките на винскиот салон, може да се купат производите од грозје што се дегустираат на настанот. 

Благодарници за особен придонес за развојот на малите семејни винарии и македонските дестилерии беа доделени на Сојузот на стопански комори и енологот Елена Богева.

- Голема чест е да се добие оваа плакета. Посакувам уште поголем успех на малите семејни винарии, да се развиваат уште повеќе и да бидат уште попрепознатливи надвор од Македонија, порача Богева. свд/бт/

Фото: МИА 

You May Also Like