Велигденски концерт на Македонската филхармонија
- Велигденски концерт ќе одржи оркестарот на Македонската филхармонија в среда (8 април) од 20 часот, на кој, како што соопшти, ќе биде изведено монументалното вокално-инструментално дело „Ѕвона“ од Сергеј Рахманинов.
- Post By Хатка Смаиловиќ
- 09:55, 3 April, 2026
Скопје, 3 април 2026 (МИА) - Велигденски концерт ќе одржи оркестарот на Македонската филхармонија в среда (8 април) од 20 часот, на кој, како што соопшти, ќе биде изведено монументалното вокално-инструментално дело „Ѕвона“ од Сергеј Рахманинов.
Диригент на концертот ќе биде Најден Тодоров од Бугарија, а како солисти ќе настапат Катерина Стојановска - сопран, Исмет Вејсели - тенор, Иван Наумовски - баритон/бас и хорот „Проарс“.
На програмата на концертот ќе биде и симфониската поема „Прелудии“ од Франц Лист.
- Во летото 1907 година, за време на престој во Рим, Сергеј Рахманинов добил анонимно писмо со поемата „Ѕвона“ од Едгар Алан По, во слободна адаптација на рускиот симболист Константин Балмонт. Поттикнат од оваа необична инспирација, Рахманинов ја создава монументалната хорска симфонија „Ѕвона“, дело што самиот го сметал за едно од најличните во својот опус - соопшти Филхармонијата.
Симфонијата ја следи драматургијата на четирите строфи од поемата и претставува симболично музичко патување низ човечкиот живот - од младешката радост преку љубовта и зрелоста до сенката на староста и смртта.
- Во руската духовна традиција ѕвоната имаат речиси живо присуство: нивниот звук го придружува човекот од раѓање до последниот миг. Рахманинов со „Ѕвона“ создава длабоко поетска и симболична музичка визија, во која звукот на ѕвоната станува метафора за човечкиот живот - од неговата блескава почетна радост до тивкото помирување со вечноста - се наведува во најавата за велигденскиот концерт. хс/са/
Фото: МИА архива