• Thursday, 29 January 2026

„Везилка“, изложба на Јана Јакимовска во Куманово

„Везилка“, изложба на Јана Јакимовска во Куманово

Куманово, 29 јануари 2026 (МИА) - Во Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово вчерва со почеток во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Везилка“ на авторката Јана Јакимовска. Изложбата содржи седум слики и дваесетина цртежи од најновата продукција на Јакимовска.

Авторката е родена во Скопје, каде магистрира на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Во фокусот на нејзиното неодамнешно творештво преовладува телото, себството, сексуалноста, општествената позиција на жената. Имала 25 самостојни претставувања во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип. Учествувала на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Северна Македонија. Учествувала на повеќе симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди. Работи како редовен професор од областа сликање и сликарски техники на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

-Проектот Везилка на Јана Јакимовска е замислен како визуелен и теоретски премостувач меѓу традицијата и современоста, меѓу културната меморија и дигиталниот сегашен момент, меѓу „женската рака“ и „машката историја“. Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески (1955), која годинава одбележува 70 години од нејзиното создавање. Кај Конески, везилката е жената која во мрежата од конец и игла внесува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска, таа улога се радикализира: везот станува критичка стратегија, алатка за преиспитување на општествените улоги на жената, за проблематизирање на нејзината видливост, рамноправност и општествена моќ, напиша д-р Ана Франговска, историчар на уметноста, за изложбата „Везилка“.

Цртежите и сликите од циклусот Везилка (2023 – 2025) се формално минималистички: редуцирана палета (црна, црвена, бела, со акценти на розова и сива), геометризирани форми, ритам од квадратчиња кои асоцираат и на традиционален вез и на дигитални пиксели. Рабиц-мрежата што ја користи авторката како шаблон претставува мост помеѓу рачната работа и индустриската, помеѓу архаичниот занает и современата технологија. Таа пикселизација на везот отвора можност за дијалог со дигиталната култура – од glitch-естетиката до визуелната екvономија на екраните. Цртежите се плакатски по својот карактер, со строга, црна линија и нагласена празнина на површината, каде текстуалните натписи ја засилуваат критичката порака. Во кроки-цртежот на женското тело, еротската линија не функционира како објектификација, туку како реполитизација на телото. Тука може да се повлече паралела со Сузан Бордо, која пишува за телото како културен текст, подложен на контрола, сексуализација, но и на отпор. (Bordo, 1993) „ …

Изложбата ќе биде поставена до 12 февруари годинава. aм/вј/

Фото: НУЦК