• Friday, 14 March 2025

Вајц: Загрижувачки знак на политичко мешање во судството притисокот на членовите на Судски совет да поднесат оставки поради наводна политичка припадност

Вајц: Загрижувачки знак на политичко мешање во судството притисокот на членовите на Судски совет да поднесат оставки поради наводна политичка припадност

Скопје, 13 март 2024 (МИА) - Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија Томас Вајц во пишана изјава до медиумите реагираше на, како што се посочува, „притисокот на владината коалиција членовите на Судскиот совет да поднесат оставки или да бидат разрешени поради нивната наводна политичка припадност“.

-Овој повик од страна на Владата е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. Независноста на судскиот систем е клучна за владеењето на правото и поделбата на власта, коишто се темелни вредности на патот на Северна Македонија кон ЕУ, наведува Вајц во пишаната изјава до медиумите.

Собранието на седницата во вторникот изгласа недоверба на петмината членови на Судскиот совет избрани од Собранието - Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Зад иницијативата за интерпелациии, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.

Премиерот Христијан Мицкоски завчера во изјава за медиумите рече дека очекува Дамева, Црвенковска, Мустафа, Чачарова - Илиевска и Адеми да ги напуштат позициите, затоа што немаат кредибилитет да бидат на тие места. -Јас очекувам нивна морална одговорност и да ги напуштат позициите коишто ги имаат заробено, затоа што немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места, изјави Мицкоски.

Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска изјави дека многу внимателно ги следат процедурите во Собранието и изјавите во врска изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет. 

Во одговор на новинарско прашање во врска со тоа како ги коментира изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет, Агелер нагласи дека не може да ги коментира, но, како што рече, најважно од сѐ е процесот да се следи на јасен и транспарентен начин. – Јас не можам да ги коментирам. Многу внимателно ги следиме процедурите во Собранието и изјавите во врска со изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет. Она што е најважно за секој од овие случаи е да се следи на начин што е јасен и транспарентен за сите оние кои го набљудуваат, рече Агелер.

Во моментов се работи на измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет, формирана е нова работна група и се очекувa најдоцна до јуни истиот да биде донесен во собраниска процедура. нд/ац/

Фото: МИА архива