• Friday, 06 March 2026

Буџет од над 3,6 милиони денари за 24 проекти на Музеј Куманово

Буџет од над 3,6 милиони денари за 24 проекти на Музеј Куманово

Куманово, 6 март 2026 (МИА) - Националната установа Музеј Куманово годинава ќе реализира 24 проекти финансирани преку Годишната програма за проекти од национален интерес на Министерството за култура и туризам. Вкупниот буџет изнесува 3.630.114 денари, а најголем дел од средствата се наменети за музејската дејност и за одбележување на 25-годишниот јубилеј на археоастрономскиот локалитет Кокино.

Директорката на установата, Марија Живачки, информираше дека програмата опфаќа проекти од повеќе области – музејска дејност, меѓународна соработка, визуелни уметности и инвестициско одржување.

-Според Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес, програмата на Националната установа Музеј Куманово за оваа година изнесува 3 милиони 630 илјади и 114 денари. Опфатени се 24 проекти, од кои 16 припаѓаат на музејската дејност, два се од меѓународна дејност, пет се од визуелни уметности и еден проект е од областа на инвестиции - изјави Живачки.

Годинава значителен дел од средствата ќе бидат насочени кон археоастрономскиот локалитет Кокино, каде ќе се одбележи четврт век од неговото откривање. За активностите поврзани со овој јубилеј се предвидени околу 1.780.000 денари.

-Оваа година посебен акцент ќе ставиме на археолошкиот астрономски локалитет Кокино, каде што бележиме 25 години јубилеј. За ова се предвидени повеќе проекти со вкупна вредност од околу милион и 780 илјади денари - рече Живачки.

Во рамки на одбележувањето се планираат повеќе активности, концерт на локалитетот, изложба и меѓународна конференција што ќе се одржи во Куманово. Најголем број од проектите се од областа на музејската дејност. Дел од нив се однесуваат на археолошки истражувања, дигитализација на музејската документација и едукативни активности. Меѓу позначајните проекти се систематски археолошки ископувања на локалитетот Градиште во Бислимска Клисура кај селото Пчиња (250.000 денари), археолошки истражувања на локалитетот Младо Нагоричане (250.000 денари), надградба и одржување на дигиталниот систем на музејска документација (300.000 денари), конзервација на дел од мозаик во Меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце (150.000 денари), одржување и уредување на локалитетот Кокино, едукативни работилници и музејски програми за деца и млади.

Дополнително, во програмата се вклучени и истражувачки и културолошки проекти како „Традиционална исхрана кај Албанците во Куманово“, ревијално прикажување на модните трендови „Од ала турка до ала франга“, како и проект посветен на црквата „Св. Никола“ во Куманово. Во рамки на меѓународната дејност, музејот ќе реализира два проекта – учество на меѓународен конгрес на византолошки студии во Виена и научен проект за ранохристијанските базилики во регионот на Волос, Грција. Во делот на визуелните уметности и архитектурата се предвидени пет проекти, „Ликовна колонија Куманово 2026“ „Кумановски ликовни уметници“, изложба од делата создадени на претходните колонии, проектот „Life Visual Art“ самостојна изложба на уметникот Александар Симоновиќ – Симо.

Живачки посочи дека годинашниот буџет е значително повисок во однос на минатата година.

-Буџетот од лани беше околу два милиони денари, а годинава имаме речиси милион и пол повеќе средства. Благодарност упатуваме до Министерството за култура и туризам што овозможи ваква програма со која ќе го презентираме богатото културно наследство - нагласи директорката.

Според неа, активностите од програмата ќе се реализираат во текот на целата година, а дел од настаните поврзани со јубилејот на Кокино се очекува да се одржат во септември и октомври.ам/вј/

Фото: МИА