• Wednesday, 13 November 2024

Буџетот на Албанија пред пратениците во вторник, опозицијата на протест

Буџетот на Албанија пред пратениците во вторник, опозицијата на протест

Тирана, 13 ноември 2024 (МИА) – Предлог – буџетот за следната година пред пратениците во албанскиот парламент ќе се најде на пленарна седница во вторник, но истиот опозицијата, освен што се изјасни дека нема да го гласа, најави и протест пред собраниската зграда.

За таа цел опозициската Демократска партија, поддржана од Партијата на слободата, чии лидери Сали Бериша и Илир Мета се во притвор, едниот во домашен а другиот во затворски, побараа од општинските организации да се организираат за масовно присуствува на протестот.

- Во вторник, на 19 ноември, во 17:00 часот, сите на протест пред Собранието за да се спротивставиме на изгласувањето на антиграѓанскиот буџет. Запознајте ги граѓаните и членството за што помасовно учество, стои во пораката упатена до претседателите на партиските организации.

Албанската влада за следната година планира историски највисок буџет, проектиран на 822,7 милијарди лека или 8,2 милијарди евра, што е за 600 милиони евра повисок во однос на оваа календарска година.

Со Нацрт-буџетот се предвидува да се продолжи со финансирање, во значителен обем, на јавни инвестиции во просек од 6,1 отсто од Бруто домашниот производ, кои ќе бидат насочени кон финансирање на проекти од стратешко значење и поврзани со планот за раст на ЕУ.

Се предвидува и значително намалување на нивото на јавниот долг на околу 55,8 отсто во 2025 година. Бруто јавниот долг се очекува да падне на околу 55 отсто во 2026 година и понатаму на околу 48,5 отсто во 2031 година. вт/