Британската влада одобри изградба на трета писта на Хитроу
- „Оваа влада ја поддржува изградбата на трета писта на Хитроу“, најави министерката во долгиот говор во кој до детали ги опиша серијата мерки насочени кон поттикнување на бавниот економски раст на земјата.
Лондон, 30 јануари 2025 (МИА) - Британската министерка за финансии Рејчел Ривс вчера ја објави поддршката на нејзината влада за контроверзниот проект за изградба на трета писта на лондонскиот аеродром Хитроу, најпрометниот аеродром во Европа според бројот на патници, како дел од планот за заживување на економскиот раст на земјата.
„Оваа влада ја поддржува изградбата на трета писта на Хитроу“, најави министерката во долгиот говор во кој до детали ги опиша серијата мерки насочени кон поттикнување на бавниот економски раст на земјата.
Плановите за проширување на Хитроу не се нови, но поддршката на владата за мерката беше критикувана од еколошките здруженија и дел од нејзиниот лабуристички (работнички) табор. За да се обезбеди профитабилност на проектот и изградбата на третата писта во согласност со еколошките цели, планот е предмет на „целосна проценка“, рече Ривс.
На крајот на 2020 година, по долга правна битка, британскиот Врховен суд донесе одлука за изградба на пистата, но поради пандемијата на Ковид-19 таа беше одложена и се уште се соочува со бројни пречки.
Хитроу беше отворен во 1946 година. Според бројот на патници во 2024 година, тој остана најпрометниот аеродром во Велика Британија и во Европа. Минатата година низ неговите терминали поминале 83,9 милиони патници.
„Слаб економски раст не е нашата иднина, но економско закрепнување нема да се случи без борба“, посочи министерката, најавувајќи ја владината поддршка за неколку инвестициски проекти поврзани со развојот на „коридорот за раст“ меѓу Оксфорд и Кембриџ и нивните престижни универзитети. Целта на овој проект е таму да се добие еден вид „Европска силиконска долина“.
По застојот во третиот квартал од 2024 година, а потоа падот во октомври, бруто домашниот производ (БДП) на Обединетото Кралство благо закрепна во ноември (+0,1%), но помалку од очекуваното.сд/
фото:МИА архива