Браќата и сестрите на Гоце, но и нивните деца, сведоци на каузата за која тој се борел
- Од сведочењата на дел од браќата и сестрите на македонскиот револуционер Гоце Делчев, но и на нивните деца, кои ги истражувале историчарите, може да се насети каузата за која тој се борел. „Гоце со сета своја револуционерна дејност и со сфаќањата има извонреден придонес во обликувањето и развојот на македонската национална свест. Не бугарска, не српска, туку словенско-македонска!“, напишал во своите „Спомени“ во 70-тите Милан Антонов, синот на Христина (Тина) Николова-Антонова (по татко Делчева), третата сестра на Делчев. Според истражувачите, тие се чуваат во Софија и само делумно се објавени. Лика, ќерка на Руша (Марија Николова-Чопова, родена Делчева), најстара сестра на Гоце Делчев, дошла „во Македонија поради националното чувство“, како што самата вели, кое ја влечело кон родната земја и кон својата држава. Таа и починала во Македонија, а пред новинарот Јован Павловски во почетокот на 80-тите го раскажала историјатот на своето семејство непосредно пред својата смрт во Скопје.
Скопје, 4 февруари 2026 (МИА) - Од сведочењата на дел од браќата и сестрите на македонскиот револуционер Гоце Делчев, но и на нивните деца, кои ги истражувале историчарите, може да се насети каузата за која тој се борел. „Гоце со сета своја револуционерна дејност и со сфаќањата има извонреден придонес во обликувањето и развојот на македонската национална свест. Не бугарска, не српска, туку словенско-македонска!“, напишал во своите „Спомени“ во 70-тите Милан Антонов, синот на Христина (Тина) Николова-Антонова (по татко Делчева), третата сестра на Делчев. Според истражувачите, тие се чуваат во Софија и само делумно се објавени. Лика, ќерка на Руша, (Марија Николова-Чопова, родена Делчева), најстара сестра на Гоце Делчев, дошла „во Македонија поради националното чувство“, како што самата вели, кое ја влечело кон родната земја и кон својата држава. Таа и починала во Македонија, а пред новинарот Јован Павловски во почетокот на 80-тите го раскажала историјатот на своето семејство непосредно пред својата смрт во Скопје.
- Турската власт беше наш прв непријател, наш поробувач. Првата балканска војна ни даде надеж на сите дека сојузниците ќе ѝ овозможат на намачената Македонија да биде самостојна, слободна, своја држава. Затоа и ги пречекавме како ослободители. Настаните што следуваа ги открија нивните империјалистички намери, кои свој целосен крај добија на Версајската конференција, само неколку години подоцна, кога нашата Македонија беше распарчена. Тоа не можевме да го предвидиме - заклучила внуката на Делчев, Чопова.
За апостолот на македонската национално-револуционерна борба - Гоце Делчев, се пишувало и ќе се пишува многу. Но, што се случило со неговите родители, сестри и браќа?
Одговор на тоа прашање ќе се обидеме да дадеме преку преглед на пишаните спомени на блиските, сеќавањата и друг вид литература и извори.
Никола Димитров Делчев e роден на 28 април 1844, во Кукуш, Беломорска Македонија. Овој чорбаџија од Кукуш историјата го помни како татко на македонскиот национален херој Гоце Делчев.
Никола (1844 - 1920) е син на Димитар и Марија Делчеви. Се занимавал со трговија, лозарство и овчарство и, според неговата внука - Велика (Лика) Чопова-Јурукова, важел за прилично почитуван, но строг човек во градот. Во Кукуш имал своја бакалница, како и околу шест декари лозје во близина, од каде што сам правел вино и ракија, но и околу осум декари ниви за друга намена. Никола имал и крчма (гостилница). Исто така, водел трговија со жито и имал 600-700 овци.
Се оженил со Султана Нурџиева (1850 - 1907), со која имале 9 деца: Марија (Руша), Цоца, Георги (Гоце), Христина, Велика, Елена, Димитар (Мицо), Милан и Христо. Од синовите, Гоце, Димитар и Милан загинале како дејци на ТМОРО.

Слично како историчарката Ванѓа Чашуле, а повикувајќи се на Пејо Јаворов и првата биографија „Гоце Делчев“, и историчарот Христо Андонов-Пољански, за Султана и за синот ѝ Гоце вели:
„Георги Делчев е роден на 23 јануари (стар стил), односно на 4 февруари 1872 (по нов стил). Од мајка си нагалено беше наречен Гоце. Ова име со времето стана синоним за храброст и чесност“.
Султана починала 1907 година. По опожарувањето на Кукуш во Втората балканска војна во 1913, Никола Делчев заедно со семејствата на Христо и Руша се преселиле во градот Горна Џумаја - денешен Благоевград, Пиринска Македонија. Никола починал на 6 март 1920 година во Горна Џумаја.
Лика, ќерка на Руша, дошла „во Македонија поради националното чувство“, како што самата вели, кое ја влечело кон родната земја и кон својата држава. Таа и почина во Македонија, а пред новинарот Јован Павловски во почетокот на 80-тите го раскажа историјатот на своето семејство непосредно пред својата смрт во Скопје.
МАРИЈА (РУША) ЧОПОВА (1868 - 1945)
Марија Николова Чопова, родена Делчева, по прекар Руша, е позната како највозрасната сестра на Гоце, но и првата жена-револуционерка од Кукуш, како деец на ВМРО. Руша е родена во 1868 година во градот Кукуш. Лика вели дека мајка ѝ била стројна, силна, стамена жена, со „душевни одлики коишто надминуваат многу херои“, но и со бисерна насмевка. Се омажила за пекарот Андон (Доне) Чопов, па токму тој ѝ ги препуштил „машките“ работи во Организацијата.
Руша била член на Кукушкиот комитет на МРО/ТМОРО основан од брат ѝ Гоце уште во 1895 година. Според Енциклопедијата на Пиринскиот крај, потоа нејзината куќа станала средиште за тајни средби на дејците на Организацијата.

Руша и ќерка ѝ Лика Чопова
Во Младотурската револуција во 1908 година, таа била приврзаничка на симнувањето на султанот Абдул Хамид Втори од престолот. Според Енциклопедија Македоника, со 50-ина кукушани, таа и учествувала во соборувањето на султанот во 1909.
Во Првата балканска војна, и таа се пријавила како војник во Македонско-одринското ополчение, заедно со нејзините синови Мирчо, Тодор, Туше и Владимир, и брат ѝ Христо Делчев. По изгонувањето на османлиските власти од Кукуш (1912), дејствувала и на чело на чета на линијата Кешан - Малгара - Димотика. По војната, работела како медицинска сестра. Во Втората балканска војна, Владимир Чопов исчезнал и бил прогласен за загинат.
Ќерка ѝ Лика раскажува дека Руша никогаш не го прежалила најстариот син, кој загинал на свои едвај 27 - ’8 години. Ужалената мајка дури и му пишала писмо на францускиот претседател за да ѝ потврди дека тој не е меѓу заробениците. Добила одговор, секако - негативен, но додека била жива, Руша не поверувала во смртта на својот Владимир.
По палењето на Кукуш во 1913, следи преселбата во Горна Џумаја.
Нејзиниот друг син Тодор, претставувајќи се како потомок на „комитско македонско семејство“, учествувал во левичарското Септемвриско востание од 1923. во Пиринска Македонија и пошироко, против растечките крајна десница и протофашизам во Бугарија. ВМРО на Тодор Александров го уапсила и погубила Чопов, за коешто мајка му Руша лично се конфронтирала со Александров и неговите луѓе.
По 1925., Руша се населила со семејството во Софија. Таа му помагала на својот син Туше во неговите про-социјалистички дејности и го обезбедувала својот дом како засолниште за дејците на тогаш нелегалната Бугарската комунистичка партија.
Руша Чопова починала во Софија на 9 јуни 1945 година.

ДРУГИТЕ СЕСТРИ
Освен Марија (Руша), и Цоца (викана и Цона) е (2 години) постара од Гоце - родена е во 1870 година. Неговите три други сестри се помлади: Христина, Велика и Елена (родени 1874., ’76., и ’81 година, соодветно). Лика Чопова многу накратко се осврнува на нив.
Христина (Тина) Николова Антонова (по татко Делчева), е третата сестра на Гоце Делчев. Синот на Тина, Милан Антонов напишал свои „Спомени“ во 1970-ите - и тие се чуваат во Софија и се само делумно објавени, според истражувачите. Во нив, меѓу другото, Антонов пишува:
„Гоце со сета своја револуционерна дејност и сфаќањата, има извонреден придонес во обликувањето и развојот на македонската национална свест. Не бугарска, не српска, туку словенско-македонска!“
Според Лика, пак, на свадбата на Тина, Гоце последен пат престојувал легално во Кукуш - околу девет години пред својата смрт. Во 1950-тите, пак, новинарот Љубен Апостолски разговарал со Елена, која раскажала како го видела брат ѝ само 8 - 9 дена пред тој да загине. Toa ce случило околу Велигден: Гоце влегол во селото маскиран како сиромав селанец и „им ги замачкал очите“ на Турците со велигденски црвени јајца. Тогаш Гоце последен пат бил во Кукуш како одметник.
„Последен пат се видов со Гоце на 13 април 1903. Тоа му беше последна средба со своите најмили. Се сеќавам како сега, иако оттогаш минаа 52 години. Кратко време потоа, тоа ме растажи многу повеќе отколку што беше радоста што го видов“, изјавила Елена.
Според овој разговор меѓу Елена и Гоце, тој предупредил на „дебелоглавите врховисти“ кои ѝ завидуваат на Организацијата, како и дека некој од „тукашните“ ќе го предаде. Малку подоцна, предвидел дека Бугаринот во ВМРО - Иван Гарванов е оној кој ќе го предаде.
Заминувајќи од нејзината куќа, симнувајќи се по скалите, Гоце ѝ ги кажал и последните зборови на Елена: „Сестро, повторно ќе се видиме“. Но, братот и сестрата не се виделе повторно.
ДИМИТАР ДЕЛЧЕВ (1879 - 1901)
Димитар (Мицо) Делчев е роден 1879 година, во Кукуш. Кога Гоце го напуштил градот, Мицо бил ученик во петти клас во Солунската гимназија. Тој таму бил еден од организаторите на бунтот против директорот и некои наставници. За своето учество во побуната бил исклучен од гимназијата, по што не смеел да се врати дома кај строгиот татко... Тогаш, Мицо заминал кај Гоце во отоманското вазално Кнежество Бугарија.

Според Туше Делииванов, и година - две претходно, во Штип Гоце се уверил дека Мицо не сака да учи, туку сонува да му се приклучи на македонското дело. По еден месец во Штип, огорчен, Гоце го враќа својот брат назад во Кукуш.
Во Бугарија, Гоце го сместил Мицо кај Никола Малешевски во Дупница. Во куќата на Малешевски често наминувале комити кои доаѓале или се враќале во Македонија. Така, Мицо се запознал со нив, па по само една учебна година во Дупница, заминал во илегала - во Македонија.
Всушност, Мицо прво влегол во четата на Христо Чернопеев, па се стационирал како учител во Радовиш и Кукуш, каде што врбувал повеќе идни комити и револуционери. Според Чопова, на почетокот на февруари 1901, четата била откриена, па кај селото Бајалци, Гевгелиско, во судир со турскиот аскер, загинале 50-на турски војници, како и осуммина комити, меѓу кои и Димитар Делчев.
Во тие мигови, Гоце престојувал во Бугарија - таму и ја примил лошата вест. И, кога му навестиле дека неговиот миленик Мицо е меѓу жртвите - без да го соопштат името, поголемиот брат прашал:
- Како се држеше брат ми Мицо? Да не покажа слабост?
- Прв се фрли во огнот!, му одговориле пријателите.

Посета на Скопје: Лика со пријателки од македонската заедница од Бугарија
Мицо загинал на свои 22 години, на 4 февруари 1901, но тоа никако не е дента кога Гоце го одбележувал својот 29. роденден. Лика, имено, во својот наратив, ги наведува датумите по Јулијанскиот календар (стар стил). Така, штом вели дека Гоце е роден на 23 јануари 1872, а загинал на 21 април 1903, според Грегоријанскиот календар (нов стил) којшто го користиме денес, тоа се датумите 4 февруари и 4 мај, соодветно. Според ова, Мицо загинал во битка на 4 февруари 1901 по стар стил - 12 дена после роденденот на Гоце. Ова е веројатно најверодостојното тврдење. Тогаш на нашето поднебје официјално се употребувал Јулијанскиот календар.
Во XIX век, разликата меѓу двата календари е 12 дена. Во XX век, т.е. веднаш по 28 февруари 1900 година, таа разлика изнесува 13 дена. Во Грегоријанскиот календар, 1900. не е престапна година и нема 29 февруари, а во Јулијанскиот календар февруари го има тој ден повеќе, па на тој начин разликата во денови расте.
Помалку веројатна претпоставка: Според урбаниот мит, кобната битка на Мицо се одиграла на 4 февруари по нов стил. Ако е така, тоа би било еднакво на 22 јануари 1901 (стар стил, тогаш) - ден пред роденденот на Гоце (зашто таа 1901 година, разликата меѓу календарите е 13 дена).
МИЛАН ДЕЛЧЕВ (1883 - 1903)
- Вујко Милан, вториот брат на Гоце, роден е во 1883 година. Според раскажувањето на мајка Руша, тој бил весело и пргаво дете, но во момчешките години радоста често му се претворила во тага, затоа Турците речиси секој ден им ја претресувале куќата и секогаш им ги земале учебниците и тетратките. Се разбира, тоа го правеле од незнаење, затоа што мислеле дека секоја книга во куќата на Делчеви е опасна за безбедноста на нивната држава, раскажува Лика.
Инаку, Милан бил врвен ученик, со многу убав ракопис, секогаш уреден, весел и распеан.
Но, Турците и не сакале тој да се развие во врвен интелектуалец, па заптиите постојано му ги одземале книгите. По последниот пат, Милан ја грабнал пушката и отишол четник - во дружината на војводата Крсто Асенов.
Во јануари 1903., четата била опколена од османлиската војска близу с. Владимирово, кај Берово, а летото имале уште една престрелка кај Арџанското Езеро во денешна Беломорска Македонија. Откако се поделиле во групи, со еден другар-соборец, Милан неколку дена се криел во с. Мурарци, Кукушко. Потоа, на 12 јуни - месец и пол пред Илинденското востание, минувајќи низ коријата близу с. Неманци, наишле на отоманска заседа и во нерамната борба, соборецот се предал, а Милан се борел до последниот куршум. Дури по три дена селаните го прегледале теренот и го погребале, а коријата ја нарекле Милан-Делчева Шума.
ХРИСТО ДЕЛЧЕВ (1887 - 1927)
Христо е најмладиот брат на Гоце Делчев. Како член на ТМОРО, се обидел да стане комита во четата на војводата Крсто Асенов (во 1904), но поради загинувањето на неговите тројца браќа Мицо (1901), Гоце и Милан (1903), тој бил одбиен.
Вујко Христо, најмалиот Гоцев брат, роден е во 1885 година. Тој ги доживеал сите несреќи на фамилијата - загинувањето на тројцата браќа: Мицо, Гоце и Милан, апсењето на татко му своите сопствени затворања и други. Дедо Кољо го дал на работа во мануфактурниот дуќан на зетот Гоце Страшев, а подоцна му отворил сопствен дуќан. Христо често не бил во дуќанот зашто војводите кои доаѓале во Кукуш секогаш барале помош од него. И тој, како и браќа му, не можел да ја трпи турската тиранија и по некое време заминал за Драма за да стане војвода. Војводите се договарале меѓу себе и решиле да не го примат за комита, зашто бил четвртиот син на Никола Делчев. На Христо решението му го соопштиле вака: „Христо, ти треба да се вратиш кај родителите! Татко ти е веќе стар и му треба твојата помош. Доволно е вашите жртви за Делото!“, раскажува Лика.

Христо бил непријатно изненаден, но ѝ се потчинил на одлуката и му се вратил на семејниот дуќан. Но, во годините од 1904 до 1907 Христо бил сè поактивен во онаа „безопасна“ револуционерна дејност - во четите на војводите Крсто Асенов и Христо Чернопеев.
Сепак, работата што ја вршел не го задоволувала револуционерниот дух на Христо. Тој ја зел пушката в рака и летото 1907 година - заедно со своите другари: Илија Петров, Насо Вичев, Дино Попчев и други, го напуштил Кукуш за да стане четник на Чернопеев.
- Но, предавничкото око ги демнело и, уште нестигнати на определеното место, Турците ги фатиле во селото Пустелар. Токму на денот кога во селото имало собир. Момчињата се протрчале и не се потчиниле на заповедта од полицијата. Се срушиле надежите на пламените момчиња. Наместо комити со пушки, отишле в затвор, вели Лика.
Утредента го затвориле и татко му на Христо - Никола, т.е. дедо Кољо. Така, двајцата стоеле пред кајмакамот, додека тој им рекол:
„Знаете ли дека, ако продолжите да работите против нас, целиот род ќе ви го сотреме?“
Но, турските власти на крајот ги ослободиле задржаните, затоа што „ни со закани, ниту со ќотек“, на момчињата што дале заклетва дека ќе се борат, не можеле да им направат ништо. Уапсените не признавале какви намери имаат.
Летото 1908 година, во времето на „Хуриетот“, т.е. Младотурската револуција, „дедо Никола го оженил Христо - му направил голема свадба“, според Лика.
Кога во 1912. Кукуш бил ослободен , формирана била доброволечка чета од околу 5-6 души, којашто замина на фронтот на Првата балканска војна. Меѓу доброволците бил и Христо Делчев, а по него веднаш и сестра му Руша, со синовите Тодор и Туне Чопови и други самопрегорни момчиња и девојки. По Втората балканска војна, 1913 година, братот на Делчев го напуштил родниот град и се населил во Горна Џумаја. Во Првата светска војна, учествува во утврдувањето на ВМРО и бил војвода во Кукушко. Во 1915. има учество во Валандовската акција, каде што ВМРО се обидела да ги пресече сообраќајно-комуникациските врски на српската армија.
Во 1923., кога му го убиле саканиот внук од сестра (Тодор Чопов), Христо - татко на Никола, Елена и Маргарита, раскрстил со Тодоралександровото ВМРО и се иселил во Софија.
Според другата верзија на овие настани, токму Тодор Александров го набркал Христо од четата со цел барем еден машки потомок од семејството Делчеви да остане жив.
Во своите „Спомени“, Маргарита, ќерката на Христо, раскажува:
„Се викам Маргарита Христова Делчева. Го помнам татко ми мошне добро. Неговото име беше Христо и е најмалиот брат од децата на баба Султана и дедо Кољо. Тој исто така учествуваше во Македонската револуционерна организација. Беше многу чесен и скромен човек, кој не направи никакви компромиси со други организации, иако беа правени обиди да биде привлечен од нив.
Нашата социјална положба беше многу тешка. Мајка ми млада остана вдовица - вдовица со три деца, без никакви средства.
Татко ми почина тука во Софија во 1927 г. Кукуш го напуштиле во 1913 г. кога градот бил запален. Се населија во Горна Џумаја. Колку си спомнувам, тами живеевме до 1924 г. Во тоа време татко ми имаше мало дуќанче. Од мајка ми знам дека другарувал со Стршимиров и со браќата на Лика Чопова - Тодор Чопов и Туше Чопов. Во Софија сме дошле по септемвриските настани во 1924 г. Татко ми тука бил тутунски работник во магацините. Остана верен на идеите на Гоце Делчев до крајот на својот живот.“

Лика Чопова (втора одлево) со другите роднини на Гоце пред споменикот во Скопје
- Како татко на три деца, заминал од ридот кај моралниот гнев, вујко Христо починал летото 1927 година. Јас пред малку реков: беше ослободен Кукуш. Треба, можеби, да го објаснам ова: Ние кукушаните веруваме дека влегувањето на сојузничките војски во нашиот град, во дадениов случај - бугарските војски, е час на ослободување. Со векови бевме под турско ропство. Турската власт беше наш прв непријател, наш поробувач. Првата балканска војна ни даде надеж на сите дека сојузниците ќе и овозможат на намачената Македонија да биде самостојна, слободна, своја држава. Затоа и ги пречекавме како ослободители. Настаните што следеа ги открија нивните империјалистички намери коишто свој целосен крај добија на Версајската конференција, само неколку години подоцна, кога нашата Македонија беше распарчена. Тоа не можевме да предвидиме, заклучи неговата внука Чопова.
Се чини, кога вели дека, кога историското око го откри вистинското лице на тројниот окупатор - веќе било предоцна, а Лика Чопова во право.
Слободан Иванов
Фото: Јавни фејсбук-објави; Јован Павловски, „Огнено Семејство“ (1987).