• Friday, 08 November 2024

Блинкен разговараше со новоименуваниот секретар на НАТО Марк Руте

Блинкен разговараше со новоименуваниот секретар на НАТО Марк Руте

Вашингтон, 3 октомври 2024 (МИА) - Државниот секретар Ентони Блинкен имаше  разговор со новоименуваниот генерален секретар на НАТО Марк Руте, при што му честиташе за преземањето на функцијата, соопштија синоќа од американскиот Стејт департментот.

-Државниот секретар Блинкен и генералниот секретар Руте разговараа за непосредната и долгорочната поддршка на Украина од страна на САД и НАТО, вклучувајќи го спроведувањето на Програмата за безбедност и обука на НАТО за Украина, со цел да и се помогне да се одбрани денес и да спречи руска агресија во иднина, се наведува во соопштението.

Блинкен и Руте исто така разговарале и за планот за дејствување на сојузниците, договорен на самитот во Вашингтон година во јули.

-Двајцата разговараа за продлабочување на односите на НАТО со партнерите, вклучувајќи го Индо-тихоокенскиот регион и јужното соседство на НАТО (во ко се вклучени земјите од Блискиот исток, Северна Африка и регионот на Сахел). Двете страни ја истакнаа важноста на незаменливата трансатлантска врска на НАТО за обезбедување на нашата безбедност, стои во соопштението.

Преземајќи ја должноста нов генерален секретар на НАТО, Марк Руте претходно  нагласи дека Северноатлантската алијанса ќе продолжи да ја поддржува Украина.
-Колку повеќе ќе и помагаме на Украина во овој момент, толку побрзо сето ова ќе заврши, рече генералниот секретар на НАТО на прес-конференцијата. „Путин треба да сфати дека нема да се откажеме и дека сакаме Украина да победи“.

Руте посочи дека цената за поддршка на Украина е многу пониска од цената на победата на Путин. Притоа, тој нагласи дека правото на Украина за самоодбрана „не завршува на границата“.

Кога ја презеде функцијата во вторникот Руте прими честитки и од претседателот на САД Џо Бајден.

„Генералниот секретар Руте има импресивна работна биографија како човек кој промовира постигање консензус и како решителен лидер, се вели во изјавата на Бајден, објавена од Белата куќа. „Цврсто сум уверен дека тој ќе продолжи да ја развива нашата работа за зајакнување на НАТО, така што алијансата ќе биде посилна, поголема и поодлучна од кога било, во спроведувањето на својата мисија за создавање побезбеден свет за нашите народи. Соединетите Американски Држави остануваат длабоко посветени на Северноатлантската алијанса – најуспешниот сојуз во светската историја. Ние цврсто се придржуваме до нашата света обврска од член пет: напад на еден е напад на сите.“ кб/ссм/