• Thursday, 18 July 2024

Белгија потпиша Договор за соработка со Украина за обновување на енергетската мрежа и изградба на засолништва

Белгија потпиша Договор за соработка со Украина за обновување на енергетската мрежа и изградба на засолништва

Брисел, 17 јули 2024 (МИА) - Премиерите на Белгија и Украина, Александре де Кроа и Денис Шмигал потпишаа Договор за соработка во напорите за обновување на енергетската мрежа која е оштетена од руски напади и изградба на засолништва, објавија белгиските медиуми. Договорот е склучен на онлајн средба и стапува во сила од денеска.

Планирано е во следните четири години Белгија да обезбеди 150 милиони евра, кои главно ќе послужат за обновување на енергетската мрежа уништена од руските удари во Киев и околината на главниот град на Украина.

Планирано е да се постават генератори за струја и соларни панели во болниците и училиштата за да може да се префрли на децентрализирано снабдување со електрична енергија. Медиумите забележаа дека системот за пренос на електрична енергија на Украина е од времето на Советскиот Сојуз, стар и централизиран, што резултира со целосно губење на електрична енергија и греење на стотици илјади домаќинства кога ќе биде нанесен удар на мрежата.

Ќе бидат изградени и засолништа во училиштата и болниците за да се овозможи потребната евакуација во случај на воздушен напад. До почетокот на зимата Украина ќе добие 20 милиони евра од обезбедената помош за изградба на нови капацитети за производство на електрична енергија. Се очекува во наредните недели околу 40 болници да бидат опремени со средства за самостојно производство на електрична енергија. рп/

Фото: ЕПА