• Saturday, 07 February 2026

Белата куќа го отстрани расистичкото видео од Обама што го сподели Трамп

Белата куќа го отстрани расистичкото видео од Обама што го сподели Трамп

Вашингтон, 6 февруари 2026 (МИА) - Белата куќа денеска го отстрани видеото со теории на заговор за изборите, што претседателот Доналд Трамп го сподели на социјалните мрежи, а кое содржеше расистички сцени во кои поранешниот претседател на САД Барак Обама и поранешната прва дама Мишел Обама беа прикажани како мајмуни.

Службеник на Белата куќа изјави дека објавата е „објавена по грешка од член на персоналот на Белата куќа“, додавајќи дека видеото е отстрането, објави Си-Би-Ес Њуз (CBS News).

Одлуката следеше по острите реакции и од демократите и од републиканците, кои го нарекоа видеото „расистичко“, „навредливо“ и „неприфатливо“.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, претходно денеска изјави дека станува збор за „интернет мем видео“ во кое Трамп е прикажан како „кралот на џунглата“, а демократите како ликови од филмот „Кралот лав“.

Таа ги отфрли критиките, повикувајќи ги медиумите да „се воздржат од лажен бес“.

Видеото, што трае околу една минута, промовира тврдења дека претседателските избори во 2020 година биле наместени против Трамп.

Кон крајот на видеото, има краток кадар во кој главите на Барак и Мишел Обама се качени на телата на мајмуни, придружени со музика од песната „The Lion Sleeps Tonight“.

Трамп го сподели видеото синоќа на својата социјална мрежа Truth Social, а линкот сега води до страница која повеќе не е достапна.

Барак Обама беше првиот црн претседател на САД, додека Мишел Обама беше првата црна прва дама.

Трамп претходно споделуваше навредлива и расистичка содржина за Обама, а со години промовираше теорија на заговор дека Обама е роден во Кенија, што подоцна ја негираше за време на кампањата во 2016 година.

Кабинетот на Обама објави дека засега нема да го коментира случајот.

Како што објаснува Си-Би-Ес, оригиналното видео, на кое се осврна Ливит, беше објавено минатиот октомври на мрежата X и, според медиумските извештаи, е генерирано од вештачка интелигенција.

На него се прикажани и други истакнати демократи како животни, додека Трамп беше прикажан како лав, а во верзијата што ја сподели Трамп, единствените демократи прикажани беа Барак и Мишел Обама.сд/

Фото:ЕПА