• Monday, 07 October 2024

Бектеши: Немаме интерес да го приватизираме МЕПСО, ниту дел од МЕПСО

Бектеши:  Немаме интерес да го приватизираме МЕПСО, ниту дел од МЕПСО

Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) - Никакви разговори не се водени за продажба на МЕПСО на грчката компанија ИПТО, ниту има понуда од грчката компанија до Министерството за економија. Немаме ни интерес да го приватизираме МЕПСО, ни дел од МЕПСО, тврди министерот за економија Крешник Бектеши.

- Во Министерството за економија сигурен сум дека нема понуди од страна на грчката компанија. Тие можеби посакуваат, но во делот на енергетската инфраструктура ние правиме напори тоа да остане на државата затоа што е стратешка инвестиција, стратешка компанија која може да влијае во делот на безбедноста, вели Бектеши во Тема на денот на ТВ Сител. 

Во однос на укажувањата дека оваа година имало две средби помеѓу претставници на МЕПСО и на Грчкиот електроенергетски оператор - ИПТО, тој, вели средби може се одржале, но Владата е таа која носи одлуки за тоа, дали ќе сака да го зголеми капиталот, да направи докапитализација, да оди на јавно - приватно партнерство и друго. 

-Такви одлуки во Владата нема затоа што ние сме го направиле спротивното. Ние таму каде сме имале приватен партнер во делот на гасоводот ние ги купивме нивните акции се со цел делот на енергетиката да биде во стопроцентна сопственост на државата, вели Бектеши

Прашан во контекст на Акцискиот план за спроведување на Преспанскиот договор, каде во делот на енергетиката, произлегува дека Владата се согласила да се разгледа можноста за влез на ИПТО со инвестиции во нашиот систем, министерот Бектеши појасни дека во тој договорот од Преспа се предвидени неколку точки не само во економијата туку и продлабочување на економијата, а како можност се предвидуваат и други работи како нафтовод, интерконекторот кој е при крај.

- Ова не е ни почнато, но немаме ни интерес да го приватизираме МЕПСО, ни дел од МЕПСО, дециден е Бектеши.

За забелешките на експертската фела за владината одлука концесијата за изградба и управување со хидроцентралата Чебрен во јавно-приватно партнерство да ја даде на грчка компанија, министерот посочува дека за овој проект е разговарано со децении, имаше повеќе неуспешни обиди и за прв пат имаме конкретен понудувач, кој приофатил, согласно спецификациите кои се пообарани ЕСМ да биде вклучен во сопствеништвото.

- Да биде јасно за граѓаните, ние сме ставиле дополнителни услови кои мора да ги прифати потенцијалниот приватен инвеститор ако сака да склучиме договор. Договорот уште не е склучен меѓу МЖСПП и грчката компанија. Ако се прифатат условите на Владата предвидени во тендерската документација кои наводно биле спорни од страна на потенцијалните понудувачи, тогаш ќе одиме на таков договор. Ако не се прифатат тогаш нема ништо спорно, се ќе биде транспарентно објавено и тоа ќе биде во интерес на државата, вели Бектеши.

До овој момент во Владата не е пристигнат одговор од грчката компанија иако во МЖСПП веќе се разговара за условите кои се поставени од страна на Владата, вели Бектеши. вг/ев/

ФОТО: МИА Архива