• Wednesday, 17 July 2024

Анкета: Површни информации од медиумите и паушални изјави од институциите

Анкета: Површни информации од медиумите и паушални изјави од институциите

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) -  Истражување на јавното мислење Практики и перцепции на граѓаните во поглед на информирањето и справувањето со дезинформациите, кое Институтот за комуникациски студии (ИКС) го реализирал во  јуни и јули, покажало дека 71 процент од граѓаните сметаат дека медиумите обезбедуваат само површни информации, додека 39 проценти мислат дека комуникацијата од јавните институции често се заснова на паушални изјави наместо на аргументи.

Како што информира ИКС, граѓаните претежно ги користат информациите за да останат информирани, да донесуваат правилни одлуки во приватниот живот и да се едуцираат, а помалку за општествен активизам и за донесување одлуки за општествено важни прашања.

-Граѓаните најмногу се заинтересирани за теми поврзани со економијата, финансиите и бизнисот (37 отсто), здравството и здравјето (36 отсто), по што следуваат внатрешната политика (35 отсто) и културата и забавата (33 отсто). Телевизијата останува главниот извор на информирање, особено кај повозрасните, додека помладите претежно ги користат социјалните медиуми и веб-порталите. И покрај широката употреба на овие извори на информации, поголем процент (43 отсто) сметаат дека медиумите понекогаш ги покриваат темите од нивни интерес и само 29 отсто веруваат дека нудат длабинска анализа и сеопфатни информации. Помладите покажуваат поголема склоност кон користење на информациите за поттикнување активизам во споредба со повозрасните, наведува ИКС во заклучоците од анлетата. 

Во однос на довербата во медиумите, речиси половина од испитаниците (49 отсто) се сомневаат во сите вести што ќе ги прочитаат, а само 15 отсто целосно им веруваат. Помладите испитаници и оние на возраст од 35 до 44 години се особено скептични.

-Иако генерално постои сомнеж кон содржините објавени на медиумите, една третина од испитаниците (31 отсто) никогаш не го проверуваат изворот на вестите, а 40 отсто никогаш не проверуваат дали е потпишан авторот на текстот. Мнозинството (53 отсто) од испитаниците одговориле дека понекогаш споделиле неточна информација, а 44 отсто веруваат дека понекогаш може да препознаат дезинформација. Внатрешната политика е областа каде што речиси половина од испитаниците (48 отсто) забележале неточни информации, информира Институтот. 

Во однос на комуникацијата со јавните институции, поголем дел од испитаниците ги добиваат информациите преку социјалните медиуми (46 отсто), а значителен процент ги користат и веб-страниците (42 отсто).

Сепак, посочува ИКС, речиси една третина (29 проценти) сметаат дека само мал дел од информациите што им се потребните се достапни на страниците на институциите на социјалните мрежи и најголем дел од испитаниците (38 проценти) се делумно задоволни од комуникацијата со институциите за нивните теми од интерес.

Телефонската анкета била спроведена од 15 јуни до 2 јули 2024 година на репрезентативен примерок од 1142 граѓани на возраст над 18 години од сите региони од земјата, од страна на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

ИКС го реализирал истражувањето на јавното мислење во рамките на проектот „Користи факти“,  поддржан од Амбасадата на Велика Британија во Скопје. хс/дма/

Фото: Принтскрин / истражување ИКС