• Tuesday, 16 December 2025

Анкета: Осум од десет Грци сметаат дека се оправдани активностите на земјоделците

Анкета: Осум од десет Грци сметаат дека се оправдани активностите на земјоделците

Атина, 16 декември 2025 (МИА) – Речиси осум од десет Грци, односно 78 отсто од анкетираните сметаат дека се оправдани протестите и блокадите на земјоделците, според резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Алко“ за телевизијата „Алфа“, јави дописничката на МИА од Атина.

За истражната комисија во Парламентот што е во тек и се однесува на скандалот со европските земјоделски субвенции, 69 отсто одговараат негативно на прашањето дали работењето е суштинско и ќе донесе одговорност.

Во однос на останатите внатрешно-политички теми, поскапувањето на цените останува главниот проблем за граѓаните и нивното очекување е следната година ова прашање да биде приоритет за Владата, а 55 проценти од испитаниците сметаат дека Владата „воопшто“ не ги сфаќа нивните потреби.

На прашањето дали изборите треба да се одржат предвремено, во 2026 години или регуларно во 2027 година, 56 отсто сакаат предвремени избори, а 44 проценти одговориле дека треба да бидат во 2027 година.

И покрај негативните одговори за Владата, сепак, владејачката Нова демократија е со највисок рејтинг меѓу партиите, со 23,6 отсто, односно 12 повеќе од ПАСОК (11,6 проценти).

На третата позиција е националистичката Грчко решение (9,5 отсто), а потоа следат Комунистичката партија (7,3 проценти), Курс на слобода (6,3 отсто) и СИРИЗА (4,7 проценти).

Истражувањето на јавното мислење било спроведено од 9 до 13 декември со анкетирани 1.000 лица со право на глас. ср/сд/

Фото: Архива МИА