• Friday, 14 March 2025

Анкета: Канаѓаните се повеќе ја поддржуваат ЕУ, но според Брисел - членство не е опција

Анкета: Канаѓаните се повеќе ја поддржуваат ЕУ, но според Брисел - членство не е опција

Брисел, 13 март 2025 (МИА) - Европската Унија со внимание ги проследи резултатите од анкетата која покажа зголемен интерес на канадските граѓани за пристапување кон ЕУ, но нагласи дека тоа е невозможно.

Истражувањето на агенцијата Abacus Data, спроведено кон крајот на февруари, откри дека 44 отсто од испитаниците во Канада сметаат дека нивната земја треба да стане членка на ЕУ, додека 34 проценти се против.

Порталот „Политико“ објави дека резултатите ја изненадиле Европската комисија.
- Почестени сме од овие наоди. Тие покажуваат дека ЕУ е привлечна и дека многу Канаѓани ја почитуваат Унијата и нејзините вредности, изјави портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо.

Сепак, таа потсети дека членот 49 од Договорот за ЕУ предвидува дека членство можат да бараат само европски земји.

Анкетата укажува на затоплување на односите меѓу Канада и ЕУ, при што 68 отсто од испитаниците имаат позитивно мислење за Унијата, додека само 34 проценти за САД.

Ова доаѓа во време кога актуелниот американски претседател Доналд Трамп повеќепати изрази став дека Канада би можела да стане 51. американска држава, а истовремено воведе нови трговски царини за одредени канадски производи.
Канадската министерка за надворешни работи, Мелани Жоли, најави дека ќе бара координација со Брисел за заеднички одговор на американските тарифи. - Ќе го покренам ова прашање на состаноците, заедно со европските партнери, со цел да извршиме притисок врз САД, изјави таа пред состанокот на Г7 во Канада.ссм/

фото: пиксабеј