Андоновски: Потребно е системско решение за платите во јавната администрација, протестите не се решение
- Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски смета дека проблемот со зголемувањето на платите во јавната администрација е комплексен и бара системско решение. Според него, решението е систем за плати којшто би овозможил вработени со исти компетенции да земаат иста плата. За утрешниот протест на вработените во осум министерства, Андоновски вели дека не треба веднаш да се оди на протест без да се разговара и да се најдат решенија.
Скопје, 13 јануари 2025 (МИА) – Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски смета дека проблемот со зголемувањето на платите во јавната администрација е комплексен и бара системско решение. Според него, решението е систем за плати којшто би овозможил вработени со исти компетенции да земаат иста плата. За утрешниот протест на вработените во осум министерства, Андоновски вели дека не треба веднаш да се оди на протест без да се разговара и да се најдат решенија.
Според Андоновски, генералниот проблем е што дел од министерствата и дел од институциите потпишале колективни договори со поединечни закони во изминатиот период, успеале да ги зголемат платите на одредени вработени во тие институции, додека, администрацијата во министерствата генерално е оставена на истите плати од претходно и го нема додатокот од 30 проценти.
- Оставено е секое Министерство само да решава како ќе се справува со проблемот. Единствено Министерство кое потпишало ваков колективен договор пред изборите е Министерството за финансии. Тоа е генералниот проблем, се носеле ад хок решенија, Собранието си ја зголемило својата плата, високото образование ја зголеми својата плата, УЈП, поединечни, парцијални решенија, рече министерот.
Вториот проблем, како што рече, е тоа што во Министерството за дигитална трансформација повеќе од 15 години има луѓе кои се оставени на работни позиции со средно образование, иако повеќе од пет години имаат завршено високо образование и кои во изминатите 12 години можеле да бидат унапредени.
- Не велам дека вработените не заслужуваат повисока плата. И ние размислувавме за 10 проценти скалесто зголемување следната година, 30 проценти понатаму. Но, сето тоа мора да дојде кога ќе бидат расчистени работите што ви се оставени како лошо искуство, посочи тој.
За утрешниот протест, вели дека тоа е демократско право, но дека не треба веднаш да се оди на протест, туку да се разговара и да се најдат излезни решенија.
- Неколку пати сум се сретнал со претставниците во синдикатот во моето министерство, УПОЗ и Сојузот на синдикати. Не мислам дека првиот одговор на некое неразрешено барање на синдикатите да биде штрајк и протест, секако, тоа е нивно право, но верувам дека не треба веднаш да се оди на протест без да се разговара и да се најдат излезни решенија. Тука сме, стоиме на располагање да продолжиме со дискусиите и да видиме како да ги надминеме проблемите, рече Андоновски.
На прашањето дали има пари со коишто на кој било начин би можело да се најде компромис, министерот одговори дека тоа е прашање за генералниот буџет.
- Тоа е сепак прашање за генералниот буџет на државата кој што го раководи Министерството за финансии. Мислам дека токму таму потенциравте каде е точката каде што треба да биде дискусијата, треба да биде меѓу сите засегнати страни да се најде системско решение, не треба да се бараат решенија парцијално во една институција, во едно министерство, затоа што тоа го прелева проблемот на другите институции, рече Андоновски.
Вработени од осум министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив утре ќе излезат на протест барајќи потпишување на колективен договор и исплата на 30 проценти додаток на плата. Претходно, вработените од Државното правобранителство стапија во штрајк со истите барања. ар/бак/
Фото:МИА архива