• Saturday, 19 October 2024

Албанскиот министер за внатрешни работи Хоџа порача дека насилство нема да се толерира и ги отфрли обвинувањата дека полицијата била вооружена

Албанскиот министер за внатрешни работи Хоџа порача дека насилство нема да се толерира и ги отфрли обвинувањата дека полицијата била вооружена

Тирана, 18 октомври 2024 (МИА) - Нема да се толерира насилство, палење и уништување, како и тепање на полицајци, порача  албанскиот министер за внатрешни работи, Ервин Хоџа, по вчерашните насилства на опозицијата во Парламентот.

Тој ги отфрли обвинувањата дека полицаец вперил пиштол кон демократските пратеници, изразувајќи „жалење за пратениците кои насилнички се однесувале кон полицајците и гардистите“.

- Изразувам жалење за пратениците од опозицијата кои употребија насилство врз припадниците на полицијата и Гардата, кои беа таму за да ја извршуваат својата должност. Правото на собирање секогаш ќе го гарантира полицијата, но насилство, палење, уништување, тепање на полицајци нема да се толерира. Во соопштението на државната полиција јасно стои дека немало обид за повлекување оружје од страна на полициските службеници. Законот за собири го дефинира случајот на употреба на огнено оружје. Државните полициски сили немале и не биле опремени со огнено оружје, рече Хоџа.

Според него, формата и начинот на однесување, со уништувачки и запаливи средства не е вистинската форма и е во спротивност со принципите на демократијата.

-Нападот на пратениците врз полицијата и гардата во пресрет на членството во ЕУ не е прифатлив, бидејќи полицијата и гардата се таму за да ги заштитат уставните институции. Државните полициски сили кои се распоредени со служба беа таму за да ја извршат својата должност и да ги заштитат институциите. Многу ми е жал што формата и начинот на заплашување со уништувачки и запаливи средства не е вистинската форма и е во спротивност со принципите на демократијата, нагласи Хоџа.

Додаде дека терминот „граѓанска непослушност“ е термин кој се злоупотребува од опозицијата. вт/