• Monday, 17 June 2024

АЕТМ: Лани граѓаните за онлајн купување потрошиле 573,4 милиони евра, најмногу е-трансакции кон Холандија

АЕТМ: Лани граѓаните за онлајн купување потрошиле 573,4 милиони евра, најмногу е-трансакции кон Холандија

Скопје, 14 мај 2024 (МИА) - Македонците минатата година со своите платежни картички во странство потрошиле 573,4 милиони евра од кои 34 отсто или 195,6 милиони евра потрошиле онлајн, купувајќи производи и услуги посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн. Ова го покажуваат податоците од Народната банка што ги анализираше Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ).

Во однос на 2022 година Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2023 година потрошиле 25,3 отсто повеќе. Бројот на е-трансакциите кон странските земји изнесува 4.6 милиони, а просечната трансакција 43 евра. Вкупно 72 отсто од вредноста и 80 проценти од бројот на направените трансакции се во Холандија, Обединето Кралство, Унгарија, Ирска, САД, Луксембург. Грција и Германија.

Mакедонците во 2023 година потрошиле најмногу пари во Холандија (27,5 милиони евра), додека во Луксембург направиле најголем број на трансакции (890 илјади). Највисока просечна вредност на е-трансакција Македонците оставриле во Унгарија односно 144.3 евра, додека во Луксембург Македонците направиле најниска просечна трансакција, 11,7 евра.

Најмногу трансакции се направени кон Холандија, Обединето Кралство и Унгарија и оствариле вредност од 77 милиони евра, што преставува 39% од вкупно остварената вредност онлајн во странство. Истото е очекувано ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат Booking.com (Холандија), Amazon UK, ASOS (Велика Британија) и WizzAir (Унгарија), додека највисокиот оставерн број на трансакции од Македонци во Луксембург се должи на тоа што во Луксембург се регистрирани европските филијали на Amazon и АliExpress преку кои се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Велика Британија.

-Растот остварен во 2023 година во однос на минатата година изнесува 25% наспроти 46% во 2022 година спрема претходната. Притоа минатата година спрема земјите од каде што се букираат патувања и хотели имаше висок пораст, на пр. кон Холандија (114%) и Унгарија (82.4%), а во 2023 година истиот е забавен и изнесува 41.5% и 21.6% соодветно во однос на 2022 година. Најголем пораст во 2023 година од земјите кои сочинуваат 72% од вкупната вредност остварена со македонски картички кон странски е-трговци е остварен кон Грција (81.6%). Онлајн купувањето кон странски платформи, без разлика дали е тоа за производи или за резеравции во хотели може да влијае позитивно и за домашните е-трговци со оглед дека се работи за менување на навики и зголемено користење на онлјан купување воопшто. Од друга страна зголемената побарувачка ќе ги стимулира домашните трговци да ја зголемуваат и унапредуваат понудата и целокупното онлајн искуството за купувачите, вели претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.

Согласно објавените податоци од Народната банка, странски иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2023 година потрошиле 26.8 милиони евра, што во однос на минатата година претставува пораст од скоро 23%. Остварената вредност странските онлајн купувачи ја направиле во 852.3 илјади трансакции или просечно потрошиле 31.4 евра по трансакција. Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2023 година 50% припаѓаат на иматели на платежни картички од 8 земји. Скоро 4 милиони евра или 18.5% од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 2.6 милиони евра или 9.7% од Швајцарија и 1.7 милиони евра или 6.2% од Обединетото кралство. Потоа следат германските иматели на картички кои направиле 5.6% од онлајн трансакциите, Турција со 4%, и Ирска и Бугарија 3% од вредноста на онлајн трансакциите.

Најголем пораст на бројот како и на вредноста на направените онлајн трансакции од странски иматели на платежни картички во 2023 година во однос на претходната година е остварен од Ирска, додека највисока просечна трансакција е направена од Бугарија во износ од 43 евра. мч/дма/

фото: МИА архива и AETM 

You May Also Like