• Tuesday, 07 January 2025

Администрацијата на Бајден планира строги мерки против извозот на руската нафта и руските танкери во сенка

Администрацијата на Бајден планира строги мерки против извозот на руската нафта и руските танкери во сенка

Вашингтон, 6 јануари 2025 (МИА) - Администрацијата на Џо Бајден разгледува можност за воведување дополнителни санкции за да се скратат приходите на Кремљ од продажбата на нафта со што се финансира војната во Украина, јавија денеска дел од американските медиуми.

-Ова е многу значаен пакет. Две руски нафтени компании, повеќе од 100 танкери, трговци со нафта, руски осигурителни компании и слично, претставник на администрацијата објасни за плановите.

Се планираат санкции против танкерите што транспортираат руска нафта која што се продава по цена над 60 долари за барел, што е плафон поставен од Западот.

Иако со цени над поставениот лимит, руската нафта обично се продава со дисконт во споредба со пазарните цени. Најголеми купувачи се Кина и Индија.

Според американските официјални претставник, за претстојните санкции бил испратен допис до индиското Министерство за надворешни работи во кој се вели дека презаситениот пазар и ниските цени на нафта се доволни Индија да ги задоволи своите потреби за нафтени деривати.

Друг извор објасни дека санкциите најверојатно ќе бидат насочени кон неколку лица кои се вклучени во трговијата со нафта над дозволената цена.

Русија користи таканаречена флота „во сенка“ составена од застарени бродови за да ги заобиколи ограничувањата. Многу од овие бродови имаат намалено ниво на безбедност, што создава ризик од можно истекување на нафта, предупредуваат експертите.

По почетокот на сеопфатната инвазија на Русија во Украина во 2022 година, САД воведоа санкции против десетици слични танкери за да се ограничат можностите на Москва да заработива и да ја финансира војната.

САД најавија и финансиски мерки со дополнителни санкции против кинеските банки со цел ограничување на трансакциите од продажба на нафта и пристапот до странски набавки.

Минатиот месец, британската влада воведе санкции против 20 бродови и две трговски фирми а за нивна наводна вклученост во трговија со руска нафта.

Износот од  60 долари за барел за продажба на руска нафта беше воведен во декември  2022 година, со забрана за користење морски транспорт, осигурување и финансирање за испораки на оваа нафта по цена повисока од поставената. кб/