• Wednesday, 04 February 2026

АВМУ со реакција за заканите кон новинарот Александар Видиновски

АВМУ со реакција за заканите кон новинарот Александар Видиновски

Скопје, 4 февруари 2026 (МИА) - Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги (АВМУ) изразува сериозна загриженост за нападите, омаловажувањата и смртните закани упатени кон новинарот на телевизијата „Канал 5“, Александар Видиновски, по неговата објава на социјалните мрежи во врска со непрописно паркирани возила на тротоарот пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

Од АВМУ посочуваат дека ваквите постапки претставуваат директен напад врз безбедноста на новинарите и сериозно загрозување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана.

- Новинарите имаат право и обврска да известуваат за прашања од јавен интерес, без да бидат изложени на притисоци, закани или насилство - се наведува во соопштението од Агенцијата.

Особено загрижувачки, според АВМУ, се смртните закани, кои претставуваат кривично дело и бараат итно и ефикасно постапување од надлежните институции.

- Очекуваме институциите со должно внимание да ги разгледаат овие случаи и да обезбедат соодветна заштита, со што ќе придонесат кон јасна и доследна практика дека заканите, говорот на омраза и онлајн-насилството кон новинарите се недозволиви - велат од АВМУ. дма/вј/

Фото: МИА архива