Штипското музичко училиште и годинава ќе го организира новогодишниот концерт
- Три новогодишни концерти ќе организира Државниот музички училиштен центар „Сергеј Михајлов“- Штип, поради зголемениот интерес од страна на граѓаните. Директорот на музичкото училиште „Сергеј Михајлов“, Илија Ќосевски на денешната прес-конференција рече дека првиот ќе се случи на 23 декември од 20 часот, додека останатите два на 24 декември од 17:30 и 20 часот. Тој потенцираше дека билетите за првите два концерта се целосно распродадени и ги повика граѓаните да си обезбедат билет за третиот концерт.
Штип, 16 декември 2025 (МИА) – Три новогодишни концерти ќе организира Државниот музички училиштен центар „Сергеј Михајлов“- Штип, поради зголемениот интерес од страна на граѓаните. Директорот на музичкото училиште „Сергеј Михајлов“, Илија Ќосевски на денешната прес-конференција рече дека првиот ќе се случи на 23 декември од 20 часот, додека останатите два на 24 декември од 17:30 и 20 часот. Тој потенцираше дека билетите за првите два концерта се целосно распродадени и ги повика граѓаните да си обезбедат билет за третиот концерт.

-За наша среќа и големо задоволство првите два концерта, како што беа најавени за на 23 и 24 декември во 20 часот, за неполни два дена се распродадоа и така да, бидејќи видовме дека има голем интерес за одржување, еве ви го најавуваме и третиот по ред концерт на 24 декември од 17:30 часот во Центарот на културата во Штип, вели Ќосевски.
Тој посочи дека Државниот музички училиштен центар „Сергеј Михајлов“ – Штип оваа година го прославува својот 14. по ред Новогодишен концерт. На сцената ќе настапат над 250 ученици од основното и средното музичко образование, обединувајќи ја младинската енергија, талент и традицијата што со години го красат овој празничен музички настан.

-Годинава концертот носи и посебна симболика, се одбележуваат неколку значајни јубилеи. Публиката ќе има ретка можност да слушне дел од оперската класика „Палјачи“, во чест на 100 години од изведбата на првата опера во нашата држава. Настанот ќе го одбележи и 40-годишниот јубилеј на Макфест, со изведби инспирирани од најголемата македонска фестивалска сцена, вели Ќосевски.
Тој додаде дека своето место на сцената ќе го добијат и талентираните ученици кои го претставуваа училиштето и државата во Америка, како и најмалите кои со новогодишни песнички ќе внесат детска радост и празничен дух. Програмата ќе биде збогатена со познатите новогодишни валцери, традиционална македонска народна музика, а оркестарот и хорот ќе го заокружуваат концертот во вистински музичко празничен спектакл.
Новогодишниот концерт на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ и оваа година ветува две вечери исполнети со уметност, традиција и сјајни млади таленти, културен настан што не се пропушта. вдј/дма/
Фото: МИА