Советот на општина Валандово едногласно изгласа одлука за нов парк и паркинг во централното подрачје
- Општина Валандово ќе го уреди просторот зад Центарот за социјални работи со нов парк во чии рамки ќе има проширен паркинг и детско катче. Ова го најави градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев на денешната седница на Советот на општината.
- Post By Ана Цветковска
- 19:04, 12 March, 2026
Валандово, 12 март 2026 (МИА) - Општина Валандово ќе го уреди просторот зад Центарот за социјални работи со нов парк во чии рамки ќе има проширен паркинг и детско катче. Ова го најави градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев на денешната седница на Советот на општината.
- Предвидуваме проект, со кој зад зградата под полициската станица, односно задниот дел на објектот на Центарот за социјални работи, ќе се уредат 26 паркинг места, забавен парк за деца, пристапен пат и зелена површина од 300 квадратни метри. Сметам дека овој дел, кој во моментот е запуштен, а припаѓа на централното подрачје и каде има голем проблем со недостигот од паркинг места, ќе го решиме и ќе добиеме еден нов оплеменет простор и детско катче каде најмладите може да го минуваат слободното време - појасни Камчев.
Од Советот на општината едногласно се изгласа одлуката за дополнување на Програмата за локален економски развој со реализација на проект за реконструкција на улица, парк и паркинг во Валандово. Според објаснувањето дадено на седницата, општината ќе аплицира на јавен повик на Бирото за регионален развој преку програмата за рамномерен регионален развој за 2026 година, а вкупната вредност на овој проект е проценета на околу 2,8 милиони денари.
На истата седница се изгласа и одлука за формирање НВО центар во општина Валандово.
Според образложението што на седницата го изнесе градоначалникот, просторот кој ќе може да го користат невладини организации и здруженија е на првиот кат, каде што е влезот во делот на терасата на Домот на културата во Валандово.
- Моја идеја е во иднина објектот на старо - новото собрание во центарот на градот, кое моментално е претворено во напуштено дувло, да го уредиме во модерен објект каде на приземјето, во деловниот простор којшто е предвиден во тој објект, би имале еден модерен хаб со намена да го користат сите невладини организации. Исто така, се надевам дека за неколку месеци ќе добиеме детален план за централното подрачје и ќе можеме да ги решиме објектите како ова недоизградено собрание и поранешниот хотел на “Анска река”, така што на некој начин ќе успееме да направиме една помодерна слика за градот - изјави Камчев.
Градоначалникот во своето образложение на седницата, соопшти дека во тек е изготвување на техничка документација за Домот на културата во Јосифово, каде исто така е предвидено уредување на објектот и изрази намера старите објекти кои се дел од централните подрачја на населените места низ целата општина да се оплеменат за да не се нарушува убавата слика за Валандово. рш/ац/
Фото: МИА