• Sunday, 15 March 2026

Симфониски концерт за деца „Магичната флејта на Вулфи“ во Филхармонија

Симфониски концерт за деца „Магичната флејта на Вулфи“ во Филхармонија

Скопје, 14 март 2026 (МИА) - Симфонискиот концерт за деца насловен „Магичната флејта на Вулфи“ ќе се одржи денеска со почеток во 12 часот во Македонската филхармонија.

Авторка на приказната, која ќе биде и нараторка на концертот е Тина Иванова, додека, како актер ќе настапи Мартин Јордановски. Диригент е маестро Иван Еминовиќ, а оркестарот ќе изведе дел од богатиот опус на Волфганг Амадеус Моцарт.

„Магичната флејта на Вулфи“ е детска книга инспирирана од музиката на Моцарт, која раскажува автентична, фантастична и хумористична приказна за палавиот и љубопитен Вулфи. Неговите авантури, игри и постојана потрага по мистериозното го водат до визбата на татко му, каде што ја открива магичната флејта – инструмент што со своите волшебни звуци му ја отвора вратата кон исполнување на најголемата желба: да стане славен музичар.

Преку низа комични ситуации и средби со ликови како тетка Марија Лепка Лепенка, чичко Франц и самата флејта, приказната ја спојува забавата, фантазијата и едукацијата.

Претставата има за цел да ги поттикне децата да ја засакаат класичната музика и да веруваат дека секоја искрена желба – со доволно мечтаење – може да стане реалност.ар/вј/

Фото: Филхармонија