Промоција на стихозбирката „Судбината без тебе нека е проклета“ од Марга Велеска
- Поетесата Марга Велеска својата нова стихозбирка „Судбината без тебе нека е проклета“, во издание на „Ирис принт“-Струга, ќе ја промовира денеска од 18 часот во Галерија „КО-РА“ во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.
- Post By Хатка Смаиловиќ
- 07:56, 14 March, 2026
Скопје, 14 март 2026 (МИА) – Поетесата Марга Велеска својата нова стихозбирка „Судбината без тебе нека е проклета“, во издание на „Ирис принт“-Струга, ќе ја промовира денеска од 18 часот во Галерија „КО-РА“ во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.
-Оваа збирка е емотивно патување низ сенките на разделбата и светлината на надежта. Поезијата на Марга Велеска допира таму каде што срцето шепоти, а душата памети. Секој стих е исповед, секоја песна - огледало на чувствата што сите сме ги доживеале, но ретко сме ги изговориле, се наведува во најавата за настанот.
Авторката вели дека на промотивната вечер зборовите ќе станат чувства, а поезијата - мост меѓу срцата и дека читателите во нејзината нова поетска книга ќе сретнат искрена, сурова и воедно нежна љубовна поезија.
-Тоа е поезија што не глуми. Ова не е книга што само се чита. Ова е книга што се чувствува. Во неа има копнеж што пече, љубов што спасува и лекува, болка што станува светлина и судбина што се расправа со Бога, вели Велеска.
„Судбината без тебе нека е проклета“ е нејзина втора стихозбирка, по објавата на „Тишина“ за која во 2006 година ја доби наградата „Даница Ручигај“ за најдобра дебитанска поетска книга. Меѓу двете книги поезија, Марга Велеска во 2023 го објави и автобиографскиот роман „Заробена во сопственото тело“.
Промоцијата на новата поетска книга вечер во „КО-РА“ ќе биде збогатена со инспиративни обраќања, рецитации и со музички настапи. хс/вј/
Фото: ФБ Марга Велеска