• Tuesday, 16 December 2025

Изложба „Простори на конјукција“ во македонскиот КИЦ во Загреб

Изложба „Простори на конјукција“ во македонскиот КИЦ во Загреб

Скопје, 16 декември 2025 (МИА) – Во македонскиот Културно-информативниот центар во Загреб вечерва ќе биде отворена изложбата „Простори на конјункција“, проект на Националната галерија од областа на меѓународната соработка.

Како што информираат од Националната галерија, изложбата во македонскиот КИЦ во Загреб е последна дестинација на проектот, по неговото претставување во Културно-информативните центри на земјава во Софија, Белград и Истанбул.

На отворањето, предвидени се обраќања на директорката на македонскиот центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска и директорот на Националната галерија, Али Синани, кои ќе ја воведат публиката во контекстот на проектот и ќе ги претстават авторите.

Учесници на изложбата се Ацо Станкоски, Моника Мотеска, Ирена Паскали, Роберт Јанкулоски, Велимир Жерновски, Шќипе Мехмети, Михаела Јовановска, Ѓорѓе Јовановиќ, Иванчо Талевски, Жанета Вангели и Марија Сотировска.

– Проектот „Простори на конјункција“ ја утврдува уметноста како динамичен простор во кој интимните, лични фрагменти се преплетуваат со колективните мемории и културни матрици како театар на тензија и симбиоза. Оваа изложба ги истражува кревката граница меѓу малите приказни од интимниот свет на индивидуата и големите наративи – широка, сложена мрежа на големите историски и културни наративи – концепт што произлегува од Жан-Франсоа Лиотар и неговата критика на „метанаративите“, стои во соопштението.

Изложбата ќе биде поставена во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб до крајот на годината. ра/мд/

Фото: Национална галерија