• Wednesday, 17 December 2025

Димитриевски на третата конференција „Србија – нашето семејство“ во Белград

Димитриевски на третата конференција „Србија – нашето семејство“ во Белград

Куманово, 16 декември 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски и раководителот на Секторот за социјална заштита Александар Крстевски присуствуваа на третата конференција „Србија – нашето семејство“ во Белград, Република Србија, информираа денеска од општината.

Целта на конференцијата, како што наведуваат, е да поттикне сеопфатен дијалог за популациска политика како составен дел од пошироките развојни стратегии, имајќи ја предвид тесната поврзаност со другите сектори, како и нивната примена на национално и локално ниво.

На конференцијата присуствуваа повеќе од 300 учесници, меѓу кои владини претставници, градоначалници и претставници на истакнати меѓународни и национални институции.

Пред присутните гости се обратија Јелена Жариќ Ковачевиќ министерка за грижа за семејството и демографија и Ѓуро Мацут претседател на Влада на Србија.

Присутните разговарале на три панел дискусии на тема: Пронаталитетни политики – компаративни искуства и следни чекори, Значење на сеопфатен пристап кон демографските предизвици и Улогата на локалните заедници во справувањето со демографските предизвици.

Панелистите споделија различни искуства од Србија, регионот и Европа во справување со овој вид предизвици, како што се депопулација, низок наталитет, миграции и стареење на населението.

Димитриевски во своето обраќање потенцираше дека локалната самоуправа има суштинска улога во имплементација на конкретни мерки, од директна финансиска поддршка за семејствата до инвестиции во предучилишна и училишна инфраструктура, урбано планирање, локален пазар на труд и достапни јавни услуги, приспособени на потребите на граѓаните.

Тој се осврнал и на издржани локални политики и активности кои создаваат средина, која ги препознава потребите на семејствата, овозможувајќи квалитетен и безбеден семеен живот. ам/дма/


Фото: Општина Куманово