• Wednesday, 22 April 2026

Такер Карлсон се извини за поддршката на Трамп: „Ќе ме прогонува долго време“

Такер Карлсон се извини за поддршката на Трамп: „Ќе ме прогонува долго време“

Вашингтон, 21 април 2026 (МИА) - Такер Карлсон, поранешен ТВ-водител и новинар, во нова епизода од својот поткаст се извини за поддршката на американскиот претседател Доналд Трамп.

Во поткастот, кој го водеше брат му Бакли, Карлсон рече дека му е жал што го поддржува Трамп и дека нема лесно да го заборави тоа.

„Вие и јас и сите други што го поддржувавме, вие ги пишувавте неговите говори, јас водев кампања за него. Мислам, ние сигурно сме вклучени во ова. Не е доволно да се каже: „Се предомислив“ или „Ова е лошо, се повлекувам“. Станува збор за фактот дека, на многу мали начини, но сепак реални, вие и јас и милиони луѓе како нас сме причината зошто ова се случува сега. Затоа мислам дека ова е момент да се соочиме со сопствената совест. Знаете, ова ќе нè прогонува долго време“, рече Карлсон.

Патем, брат му Бакли работеше во Белата куќа до неодамна, а беше и близок соработник на Трамп и на потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс.

На крајот, Такер додаде извинување во својата презентација за поддршката на Трамп.

- Сакам да кажам дека ми е жал што ги доведов луѓето во заблуда, а тоа не беше намерно. Тоа е сè што ќе кажам - рече тој.

Карлсон го поддржуваше Трамп сè до одлуката за напад врз Иран минатата година кога му упати критика затоа што, според негова процена, го предал принципот да не се почнуваат нови војни.

Кога Трамп повторно го нападна Иран во февруари оваа година, Такер повторно му упати критика, за што Трамп често го напаѓаше во пораките на социјалните мрежи. мс/ссм/

фото: ЕПА архива