Собраниска делегација на 152. Собрание на ИПУ
- Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија учествува на 152. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 15 до 19 април во Истанбул.
Скопје, 16 април 2026 (МИА) - Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија учествува на 152. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 15 до 19 април во Истанбул.
Во делегацијата, како што соопшти собраниската прес-служба, учествуваат претседателот на Собранието, Африм Гаши, шефот на делегацијата во Интерпарламентарната унија (ИПУ), Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Беким Ќоку, Бобан Карапејовски, Арбана Пашоли и Јована Мојсоска, членови, и Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието.
На седницата на Форумот на жените парламентарки свое обраќање имала пратеничката Арбана Пашоли на тема „Интензивирање на конфликтите, намалување на правата на жените и девојчињата“. Таа, како што стои во информацијата, ја истакнала итноста од зајакната меѓународна акција за заштита на правата на жените во услови на растечка глобална нестабилност.

- Пратеничката нагласи дека Северна Македонија бележи значаен напредок во политичкото учество на жените, вклучително и изборот на првата жена претседател на државата во 2024 година, како и значителната застапеност на жените во парламентот. Таа потенцира дека државата останува посветена на имплементацијата на агендата „Жени, мир и безбедност“ преку спроведување национални акциски планови во согласност со Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на Обединетите нации. Воедно, истакна дека институциите продолжуваат со зајакнување на законодавната рамка за борба против родово базираното насилство, подобрување на пристапот до правда за жените и зголемување на нивното учество во безбедносните и одбранбените структури - соопшти собраниската прес-служба.
Пашоли упатила повик до меѓународната заедница за донесување и ефективна примена на заштитни политики, обезбедување конкретна поддршка за жените во кризни ситуации и нивно задолжително вклучување во сите преговарачки процеси.
Во рамките на 152. Собрание на ИПУ се одржале седници на четирите комисии на ИПУ.
Пратеникот Оливер Спасовски учествувал во работата на Комисијата за мир и меѓународна безбедност, каде што се дискутирало за извештајот и предлог-резолуцијата за улогата на парламентите во воспоставувањето цврсти механизми за постконфликтно управување и во обновувањето праведен и траен мир.
- Во своето обраќање Спасовски истакна дека мировните договори претставуваат само почетна точка во процесот на градење траен мир, кој мора да биде поддржан со силни институции, јасни правни рамки, отчетност и инклузивност. Тој посочи дека искуството на државата го потврдува тоа во пракса, потсетувајќи на конфликтот од 2001 година, кога Собранието одиграло клучна улога во изборот на дијалог наместо ескалација - стои во соопштението.
Во обраќањето, како што е наведено, Спасовски потенцирал дека имплементацијата на Охридскиот рамковен договор била комплексен и долготраен процес, кој барал политичка волја, соработка меѓу политичките фактори и посветеност кон националното помирување.
- Денес, како што истакна Спасовски, Северна Македонија е функционална мултиетничка демократија, членка на НАТО и земја кандидат за членство во Европската Унија, што ја потврдува важноста на активната улога на парламентите во процесите на градење мир и доверба. Воедно, тој го истакна значењето на меѓународната поддршка, која треба да ги надополнува, а не да ги заменува националните напори - соопшти Собранието.
На седницата на Комисијата за одржлив развој, на која се дискутирало за извештајот и предлог-резолуцијата на тема „Градењето на праведна и одржлива глобална економија: улогата на парламентите во борбата против протекционизмот, намалувањето на тарифите и спречувањето на одбегнувањето на корпоративниот данок“, учествувал пратеникот Беким Ќоку.
Тој во своето обраќање истакнал дека глобалниот трговски систем заснован на правила се соочува со сериозни предизвици, вклучително и пораст на протекционизмот, трговските бариери и тарифните спорови, што особено негативно влијае врз малите и отворени економии.
- Ќоку нагласи дека Северна Македонија како економија силно интегрирана во регионалните и глобалните синџири на вредност директно ги чувствува овие последици, при што отвореноста на пазарите и предвидливоста на трговските односи се од клучно значење за економскиот раст и животниот стандард на граѓаните. Тој посочи дека државата, како членка на ЦЕФТА и кандидат за членство во Европската Унија, останува посветена на принципите на слободна трговија, фер конкуренција и постепено отстранување на трговските бариери. Истовремено, тој изрази загриженост дека едностраните трговски мерки и тарифи на поголемите економии најмногу ги погодуваат помалите држави предизвикувајќи раст на цените и нарушување на синџирите на снабдување - стои во соопштението.
Ќоку истакнал дека Северна Македонија ги усогласува своите законски решенија со меѓународните стандарди, вклучително и насоките за спречување ерозија на даночната основа, и ја поддржува иницијативата за воспоставување глобална рамка за даночна соработка под покровителство на Обединетите нации. сс/вј/
Фото: Собрание