Русија тврди дека зазела 1.700 км² во Украина, Киев наведува контрауспеси
- Ваквите тврдења засега не можат да се потврдат од независни извори. Проукраинските карти укажуваат дека Русија годинава зазела околу 592 квадратни километри.
- Post By Сања Костовска
- 13:07, 21 April, 2026
Москва, 21 април 2026 (МИА) – Руските сили од почетокот на годинава зазеле околу 1.700 квадратни километри територија во Украина и напредуваат во т.н. појас на утврдувања во Донбас, изјави висок руски генерал за време на смотра на воените сили.
Од почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година, Русија настојува да го заземе целиот регион Донбас во источниот дел од земјата, каде што по жестоките борби украинските сили се потиснати кон линијата на градовите.
Киев извести и за одредени успеси во војната, која е најкрвава во Европа по Втората светска војна. Врховниот командант на украинската армија, Олександр Сирски, во средината на април изјави дека во текот на март украинските сили повторно воспоставиле контрола врз речиси 50 квадратни километри од својата територија.
- Од почетокот на оваа година, под наша контрола се вкупно 80 населени места и повеќе од 1.700 квадратни километри територија - изјави началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, Валериј Герасимов, во снимката што денеска ја објави руското Министерство за одбрана.
Ваквите тврдења засега не можат да се потврдат од независни извори.
Проукраинските карти укажуваат дека Русија годинава зазела околу 592 квадратни километри.
Герасимов наведе дека руската Јужна групација го напаѓа појасот на утврдувања во Доњецк, кој ги опфаќа градовите Славјанск, Краматорск и Константиновка, како и дека руските сили се оддалечени околу 7 до 12 километри од Славјанск и Краматорск.
Руските единици веќе се борат во делови од Константиновка, додаде тој, истакнувајќи дека руските сили напредуваат и во Суми на север и во Харков на североисток, со цел да создадат, како што рече, „безбедносна зона“.
Според руските проценки, Москва контролира околу 90 отсто од Донбас, околу 75 отсто од Запорошката и од Херсонската област, како и делови од Харковската, Сумската, Миколаевската и од Днепропетровската област.
Под руска контрола е и Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година по претходните борби. Поголемиот дел од меѓународната заедница го признава Црноморскиот Полуостров како дел од Украина.
Проукраинските карти покажуваат дека Русија контролира 116.793 квадратни километри, односно 19,35 отсто од територијата на Украина, но и дека руското напредување годинава е забавено. ссм/мс/
фото: архива