• Wednesday, 04 March 2026

Три новели од Андреј Платонов собрани во книгата „Скриениот човек“, ново издание на „Илика“

Три новели од Андреј Платонов собрани во книгата „Скриениот човек“, ново издание на „Илика“

Скопје, 4 март 2026 (МИА) - Во издание на издавачката куќа „Илика“ излезе книгата „Скриениот човек“ каде се собрани три новели од Андреј Платонов, што воедно е и првата книга во нивната нова едиција „Класици“. Преводот од руски на македонски јазик е направен од Милена Николовска.

Во книгата „Скриениот човек“ се собрани три новели од обемниот опус на Андреј Платонов: „Скриениот човек“, „Враќање“ и „Реката Потудањ“. Платонов е современик на Хармс, Шаламов и Булгаков, а неговите прозни творби ја сведочат неговата стилска и тематска блискост со овие великани на руската литература на XX век. Револуционерни, гротескни, необични – новелите на Платонов се пример за врвна проза што го отсликува духот на времето во кое живеел.

Како што наведува  „Илика“, непокорливото пишување на Платонов предизвикало силна цензура на неговиот творечки опус, па голем дел од неговите дела се објавени скоро педесетина години по неговата смрт. Според поговорот на книгата, напишан од уредникот на изданието Ведран Диздаревиќ, станува збор за дело што е „реално размрдување на уредните ормани на повеќето познавачи на литературата на XX век“.

Андреј Платонович Платонов (1899-1951) е руски автор од советскиот период, кој ужива статус како претставник на таканаречениот „висок модернизам“ рамо до рамо со Бекет и Кафка. На македонската публика ѝ е познат по преводите на неговите романи „Девствено море“ и „Откоп“. Платонов бил автор кој за време на владеењето на Сталин доживувал бројни политички притисоци – поради нив го изгубил својот син, бил цензуриран и необјавуван. Станува збор за автор кој живеел низ важни историски настани, но и човек кој заземал активна позиција во градењето на неговата земја како социјалист. Неговите животни прилики и контекст излегле од границите на Советскиот сојуз поради верни промотори како познатиот поет Јосиф Бродски. мч/дма/

Фото:  „Илика“