Средба Сали - Зомер, разговарано за евроинтеграциите и спроведувањето на реформите поврзани со европската агенда
- Министерот за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во земјава, Кристоф Зомер, на која, како што информираат биле, разгледани процесот на европска интеграција на Северна Македонија и спроведувањето на реформите поврзани со европската агенда, како и приоритетите на Министерството за европски прашања во наредниот период.
Скопје, 14 јануари 2026 (МИА) - Министерот за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во земјава, Кристоф Зомер, на која, како што информираат биле, разгледани процесот на европска интеграција на Северна Македонија и спроведувањето на реформите поврзани со европската агенда, како и приоритетите на Министерството за европски прашања во наредниот период.
Сали, како што информираат од неговиот кабинет, истакнал дека ЕУ интеграцијата и поврзаните реформи ќе бидат негов приоритет, со цел зајакнување на координациската улога на министерството, унапредување на преговарачките структури и операционализација на механизмите за спроведување на Реформската агенда и Планот за раст.

Соговорниците се осврнале и на активностите за финализирање на патоказите во областа на владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на значењето од подобрување на апсорпцијата на ЕУ фондовите и зајакнување на ИПА структурата.
Сали, исто така, изразил благодарност за континуираната поддршка од Швајцарија за Северна Македонија, оценувајќи ја билатералната соработка и придонесот на швајцарските програми во области како демократско владеење, учество на граѓаните, локален и рамномерен регионален развој, родова еднаквост и прашања поврзани со водите. Во тој контекст, било нагласено дека Швајцарската програма за соработка за Северна Македонија 2025–2028 е усогласена со реформските процеси на Владата и целите на европската интеграција, со вкупна вредност од околу 56 милиони швајцарски франци.
На средбата, Сали и Зомер ја потврдиле подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и координацијата во поддршка на реформите, институционалното зајакнување и напредокот во процесот на пристапување кон Европската Унија. аа/
Фото: Кабинет на министерот за европски прашања