Сојуз на Ротари клубови на Македонија: 6 000 медоносни садници засадени низ целата држава
- Сојузот на Ротари клубови на Македонија ја реализираше големата еколошка акција за пошумување, во рамки на која беа засадени над 6000 медоносни садници во сите градови каде што функционираат ротари клубовите. Акцијата се одржа истовремено низ целата држава, со учество на повеќе од 500 волонтери – акцијаши, извидници, здруженија, семејства и граѓани/граѓанки, се вели во соопштението од Сојузот на Ротари клубови на Македонија, што МИА го објавува интегрално.
Скопје, 13 декември 2025
Сојузот на Ротари клубови на Македонија ја реализираше големата еколошка акција за пошумување, во рамки на која беа засадени над 6000 медоносни садници во сите градови каде што функционираат ротари клубовите. Акцијата се одржа истовремено низ целата држава, со учество на повеќе од 500 волонтери – акцијаши, извидници, здруженија, семејства и граѓани/граѓанки, се вели во соопштението од Сојузот на Ротари клубови на Македонија, што МИА го објавува интегрално.
Во Скопје, акцијата се реализираше во Парк шумата Гази Баба, на терен кој ова лето беше сериозно погоден од пожарите. Таму беа засадени 1500 садници од багрем, јавор и јасен, дрвја од особено значење за пчеларството, биодиверзитетот и подобрувањето на квалитетот на воздухот.
На настанот активно учество земаа градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски како и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кои заедно со волонтерите и ротаријанците придонесоа за обновување на зеленилото и создавање нова еко-зона.
Иницијатор на проектот е Сојузот на Ротари клубови на Македонија, со поддршка и координација од Елена Панова (координатор 2024/25), Милош Радуловиќ (сегашен координатор) и Митко Демировски (идниот координатор на Сојузот).
„Со оваа акција ротари клубовите ја потврдија својата посветеност кон заштитата на природата и заедницата. Засадувањето медоносни дрвја е инвестиција во иднината – за пчелите, за биодиверзитетот и за здравјето на граѓаните,“ изјавија претставниците на Сојузот.
Акцијата беше спроведена во соработка со општините каде што постојат ротари клубови, кои обезбедија логистичка поддршка и алати за садење.
Со оваа иницијатива, Сојузот на Ротари клубови на Македонија ја испраќа пораката дека грижата за природата е грижа за иднината на нашите деца, а заедничките акции се клучни за создавање позелена, почиста и поубава Македонија.
Фото: Сојуз на Ротари клубови на Македонија