Славески: Шокот од кризата е поголем, но лекциите се научени, Народната банка е подготвена да одговори со сите расположливи инструменти
- Во изјава за медиумите Славески рече дека девизните резерви се за 70-ина проценти повисоки за разлика пред пандемијата и дека тоа е значајно за стабилноста на девизниот курс, а стабилни се и депозитите, кои дури и растат.
Скопје, 24 март 2026 (МИА) - Централната банка ја следи состојбата и е подготвена да одговори со сите расположливи инструменти. Шокот од кризата е поголем од оној од 2021 година, но лекциите се научени. Депозитите се стабилни, девизните резерви се повисоки за разлика пред пандемијата - порачува првиот човек на централната банка во земјата, Трајко Славески.
Во изјава за медиумите Славески рече дека девизните резерви се за 70-ина проценти повисоки за разлика пред пандемијата и дека тоа е значајно за стабилноста на девизниот курс, а стабилни се и депозитите, кои дури и растат.
- Вакви шокови сме имале и во минатото. Многу е научено, особено во контекст на отпорноста на шокови на глобално ниво, како и преминот кон обновливи извори на енергија. Но, шокот е многу сериозен и Република Македонија не може да остане изолирана. Централната банка, во тесна координација со Владата и Министерството за финансии, ги следи состојбите, кои, за жал, се менуваат од час на час, и е подготвена да одговори со сите расположливи инструменти. Овие енергетски шокови претставуваат сериозен предизвик за носителите на економските политики и може само делумно да се апсорбираат.
Народната банка располага со девизни резерви, кои се за 70-ина проценти повисоки за разлика пред пандемијата, односно околу 5,5 милијарди евра, што е значајно за стабилноста на девизниот курс. Имавме мала конверзија на денарските депозити во странска валута во првата недела по конфликтот, но тоа веќе се нормализира. Депозитите се стабилни, па дури и растат. Можно е зголемената цена на нафтата да се одрази врз трговското салдо и потребата од финансирање преку девизните резерви - рече Славески.
Предизвик за Владата и за Народната банка, според гувернерот, е да се држи инфлацијата под контрола, а притоа да не се загрози економскиот раст. Препораките се мерките што ќе се носат да бидат краткорочни и таргетирани, особено кон најранливите категории граѓани и да се искористат сите можности за заштеда, особено во потрошувачката на енергија.
Со оглед на случувањата на глобално ниво и очекувањата за зголемување на инфлацијата, гувернерот најавува можност за ревидирање на проекциите за инфлацијата.бак/са/
Фото: МИА