• Wednesday, 15 April 2026

Саар пред преговорите во Вашингтон: Проблемот не е Либан, туку „Хезболах“

Саар пред преговорите во Вашингтон: Проблемот не е Либан, туку „Хезболах“

Ерусалим, 14 април 2026 (МИА) – Израел има за цел да постигне „мир и нормализација“ во односите со Либан, изјави израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар, во пресрет на мировни преговори меѓу двете страни во Вашингтон.

– Сакаме да постигнеме мир и нормализација во односите со либанската држава. Меѓу Израел и Либан нема сериозни несогласувања. Проблемот е „Хезболах“ - изјави Саар на прес-конференција во Ерусалим, заедно со чешкиот министер за надворешни работи Петар Мацинка.

Според него, групата „Хезболах“ го нападнала Израел „спротивно на волјата на либанската влада“, што претставува проблем и за суверенитетот на Либан и за безбедноста на Израел.

Саар нагласи дека прашањето со „Хезболах“, кој според Израел треба да биде разоружан од Бејрут, мора да се реши за да се премине кон нова фаза во односите.

Изјавата доаѓа неколку часа пред почетокот на преговорите меѓу израелски и либански претставници во Вашингтон, откако премиерот Бенјамин Нетанјаху прифати директни разговори со Бејрут.

„Хезболах“ се спротивстави на иницијативата, оценувајќи ја како „капитулација“.

Преговорите, први од ваков вид од 1993 година, ќе се одржат со посредство на американскиот државен секретар Марко Рубио. Во нив ќе учествуваат израелскиот амбасадор во САД Јехиел Лајтер, либанската амбасадорка Нада Хамаде Моауад, како и американскиот амбасадор во Либан Мишел Иса.

Во меѓувреме, Израелските одбранбени сили соопштија дека десет нивни војници се ранети во судири со „Хезболах“ во градот Бинт Џбеил, на околу пет километри од границата со Израел. Тројца од ранетите се во тешка состојба, додека останатите имаат лесни и средно тешки повреди. ссм/ми/

фото: архива