• Tuesday, 21 April 2026

Регионален поетски конкурс „Арс лирика балканика“

Регионален поетски конкурс „Арс лирика балканика“

Скопје, 16 април 2026 (МИА) - Објавен е регионалниот поетски конкурс „Арс лирика балканика – регионална поетска награда“ чија цел е да  се поттикне современото поетско творештво и да се зајакне културниот дијалог меѓу земјите од Балканот. 

Право на учество имаат поети и поетеси од балканските земји, кои може да се пријават со една необјавена поетска творба, на слободна тема, не подолга од 40 стихови, напишана на мајчиниот јазик на авторот.

Пријавата се доставува по електронски пат, на е-адресата: arslyricabalcanica@gmail.com, на која заинтересираните може да добијат и повеќе информации за конкурсот.  Во пријавата треба да бидат наведени име и презиме, град (место на живеење) и држава, е-адреса и контакт телефон.  Авторите може, но не се обврзани, да достават и превод на поетската творба на англиски и/или италијански јазик.  Рокот за праќање на творбите е 20 мај 2026. 

Организаторот на конкурсот соопшти дека тој е непрофитен и замислен како долгорочна платформа за афирмација на лирската поезија на Балканот, со особен акцент на автентичниот поетски израз, јазичната разновидност и современите поетски тенденции.

Во рамки на конкурсот ќе бидат доделени прва, втора и трета награда „Арс лирика балканика“, како и посебни признанија: Награда „Калос“ (Kalòs Prize) за поетска извонредност и особен авторски глас, Круна на лириката (Crown of Lyric) за исклучителен лирски израз, и Златна ода (Golden Ode) за поетска творба со изразена тематска и стилска целовитост, додека по одлука на организаторот може да биде доделено и дополнително специјално поетско признание.

-Конкурсот „Арс лирика балканика“ претставува специјална секција во рамки на меѓународниот поетски конкурс „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia“, кој се одржува во Каникати, Сицилија, Италија. Во таа насока, селекција на најдобрите поетски творби од Балканот ќе учествува и на наградата „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia“ за 2026 година, во рамки на меѓународната соработка, соопшти организаторот. 

Резултатите од конкурсот ќе бидат јавно соопштени, а наградените автори ќе бидат известени преку официјалната електронска адреса: arslyricabalcanica@gmail.com  хс/лв/

Фото: „Арс лирика балканика“